По успешните сезони во Вардар, Балeвски ја продолжи кариерата во Хајдук, со кој во 1975 година го освои Купот на Југославија. Две години во Бундес-лигата, во Карлсруе, потоа во Кроација во САД. Крај на играчката кариера во Олимпија

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (165)

Ванчо Балевски (2)

Фудбалскиот пат на Ванчо Балевски, еден од најдобрите македонски фудбалери во минатиот век, беше интересен и исполнет со многу возбудливи моменти. Откако одигра неколку сезони во Работнички и во Вардар, тој стана интересен за повеќе југословенски клубови. Од поширокиот список на понуди, тој ја избраа онаа на Хајдук, за која сметаше дека е најповолна.
– Хајдук беше голем клуб во тоа време, ѝ припаѓаше на онаа југословенска „голема четворка“. Затоа, откако добив понуда од Сплит, веднаш ја прифатив и заминав во миленикот на далматинската фудбалска публика, популарната „торцида“. Таму, во тоа време имаше плејада квалитетни фудбалери, од кои речиси половината настапуваа за југословенската репрезентација. Ми се чини дека е ова убава шанса да ги потсетам љубителите на фудбалот на тој силен Хајдук, во кој само со вистински квалитет можеше да се влезе во првиот тим. Значи, тука беа Мешковиќ, Каталиниќ, Џони, Бољат, Перузовиќ, Ѓорѓевиќ, Жунгул, Рожиќ, Јерковиќ, Буљан, Мужиниќ, Мијач, Лукетин и Шурјак. Тоа беше навистина еден стравотен тим, кој со поранешните сплитски генерации, дотогаш имаше освоено три титули и четири купа на Југославија – вели Балевски.

ПЕТТИОТ КУП СО БАЛЕВСКИ

Балевски во Хајдук беше пречекан како големо засилување, не како играч што допрва треба да се докажува. Веднаш се најде во првиот тим, а и во првата постава. Уште на првите средби ги демонстрира своите квалитети и, што за далматински услови е многу битно, беше максимално прифатен од „торцида“. Ако, некој не ѝ беше по мерак на познатата навивачка група, која имаше илјадници членови, нему му немаш лек.
– Со мене ситуацијата не беше таква. Напротив, јас со симпатии бев пречекан и поддржан од навивачите. За ова да биде вака сигурно многу придонесе фактот што дојдов од Вардар, кој беше омилен во Далмација, иако во минатото често му создававме проблеми на мојот нов клуб. Вардар, мора да кажам, беше нешто посебно на југословенските простори, не беше бренд само во македонските фудбалски состојби, туку и пошироко. За навивачите и тоа беше многу значајно – од каде доаѓаш. Така, со своите игри, а и со своето прволигашко минато, немав проблеми да се вклопам во Хајдук – вели популарниот Змија.

Од деновите во сплитскиот тим, Ванчо се сеќава на неколку средби, кои за него беа посебни.
– Не можам да ја заборавам победата со 5-1 над Партизан. Исто така, барем за мене многу интересни, но и напорни ми беа средбите со Вардар. Чувството да се игра против поранешниот клуб е со исполнето со измешани емоции. Едноставно, не знаеш како да се однесуваш, сакаш да тргнеш да заиграш максимално, ама срцето не ти дава. Инаку, додека бев во Хајдук имав два дуела со Вардар, во Сплит победивме со 2-0, а во Скопје загубивме со 2-1. Се сеќавам, победоносниот гол го даде покојниот Рајчевски. Сепак, од сите тие натпревари, особено во мојата меморија остана финалето на Купот против Динамо. Игравме на „Маракана“, на која имаше близу 70.000 гледачи. Атмосферата беше прекрасна, да ти е милина да играш. Иако Динамо имаше повеќе навивачи, сепак, доволно беше бодрењето од сплитската „торцида“, која во текот на целата средба ни даваше голема поддршка. Ние, пак, се оддолживме со победата со 1-0. Минимална, би рекол, но слатка победа, со која Хајдук петти пат во својата историја го освои вредниот трофеј. Сите бевме среќни и со голема радост го прославивме триумфот над традиционалниот ривал – продолжи Балевски.

ТРИТЕ ГОЛА СО СЛОБОДА – ВИЗА ЗА КАРЛСРУЕ

Ванчо Балевски ја играше втората сезона во Хајдук, но кај него се јави желба да ја промени средината и да замине во странство. Прва опција му беше Германија, зашто сметаше дека со своите квалитети со кои располагаше ќе може најдобро да се снајде.
– Во тие моменти постојано ми зуеја во ушите зборовите на Џина, кој уште кога бевме заедно во Вардар ми зборуваше, доколку ми се укаже шанса, да заминам. Тој едноставно ме натера да размислувам на нови предизвици, иако некогаш тоа може да биде опасно и негативно да се одрази на кариерата. Но верував во себе и посакував да ја испробам среќата надвор од Југославија. Во врска со ова имав и разговор со тогашниот претседател на Хајдук, Тито Киригин, кој беше многу популарен и имаше конекции во цела Европа. Тој прво се противеше на мојата желба и велеше дека добро ми е во Хајдук. Но кога виде оти јас сум настојчив и по секоја цена сакам да заминам, се согласи и ми вети дека и тој ќе гледа да ми помогне да направам што подобар трансфер. Бев среќен и ја чекав шансата – вели Балевски.

Потоа, бидејќи првенството беше во тек, доаѓаа нови противници, победи и понекој пораз или реми. Хајдук постојано беше во врвот и секогаш атакуваше на титулата.
– Ја чекав шансата, кога ќе дојде конечно денот кога ќе стигне првата поволна понуда. Така, пред натпреварот со Слобода, Киригин ми рече дека ќе дојдат менаџерите на Карлсруе да ме гледаат и ако ги исполнам нивните очекувања, може да разговараме за трансфер. Бев возбуден и решен да дадам сѐ од себе, кога пред самиот натпревар ми пријде Киригин и ми рече дека менаџерите од Германија „заглавиле“ некаде по пат и нема да стигнат на натпреварот. Се разочарав, но си помислив, ги нема што ги нема, мое е да одиграм и да помогнам да дојдеме до победа. На тој натпревар, онака ослободен, без оптоварување дека некој е дојден за мене да ме следи, одиграв на високо ниво и постигнав три гола. По средбата, претседателот Киригин задоволен дотрча кај мене, ме прегрна и ми рече да се пакувам дека одам за Германија. Тогаш ми кажа дека, сепак, менаџерите од Карлсруе пристигнале и од зад голот го следеле мечот. Биле одушевени и веднаш сакале да потпишеме договор и да се преселам во Карлсруе. Сето тоа за мене беше како сон. Го чекав овој момент, се збогував со Хајдук и заминав во нова неизвесност – продолжи Балевски.

ДВА ГОЛА ПРОТИВ БОРУСИЈА

Заминувањето во Германија од финансиски аспект беше во ред, ама прашање беше како Ванчо ќе се снајде во новата средина. Затоа, пред него се поставуваа многу прашалници.
– Знаев што ме очекува во Бундес-лигата и бев подготвен на сѐ. Мојата конституција беше таква што можев да се адаптирам на секаков тренинг, дури и на оние каде што многу се работи на физичката подготовка, што беше карактеристично за германските екипи. Со техниката не само што немав проблем туку бев познат како врвен техничар. Тоа беше голем плус за мене. Кога на ова ја надоврзав и физичката подготвеност, станав играч токму по мера за Бундес-лигата – вели Балевски.
Балевски во двете години додека го носеше дресот на Карлсруе на терените низ Германија имаше можност да влезе во директни дуели со ѕвездите на тамошниот фудбал.

– Играв против Боноф, Штилике, Оверат, Сеп Маер, Бекенбауер, Хејнкес, Фогтс и уште десетина репрезентативци на Германија. Почувствував како е да се игра против еден Баерн, Вердер, Штутгарт, Баер, Херта. Но во најубаво сеќавање ми остана мечот со Борусија од Менхенгладбах. Времето беше студено, снежеше, а теренот беше покриен со снег. Во едни вакви услови, подобро се снајдовме и остваривме победа со 4-1. Постигнав два гола, што со крупни букви беше регистрирано на спортските страници од сите германски весници. Тоа беше мојот најубав и најрадосен момент од двегодишниот престој во Германија – се сеќава Балевски.
Кога се очекуваше Балевски со ист ритам да продолжи, дојде до пресврт.
– По еден тренинг ми пријде познатиот менаџер, подоцна и генерален секретар на Хрватскиот фудбалски сојуз, Сребриќ, кој ме праша дали сум заинтересиран да заминам во САД, за да настапувам за Кроација. Јас без многу да размислувам ја прифатив понудата и заминав за Америка, што подоцна се покажа како голема грешка.

Сепак, во тоа време друго беше да се игра во Европа, особено во Бундес-лигата, а сосема друго во САД. Не останав долго во Кроација и се вратив дома, решен да престанам со активното играње – вели тој.
Но разделбата од копачките траеше кратко време. Дојде покана од љубљанска Олимпија, која создаваше една квалитетна екипа, во која беше и Бечеац од Партизан.
– Иако веќе размислував на повлекување, сепак, заминав за Љубљана и таму ја продолжив кариерата. Тоа траеше една година, а потоа дојде и крајот на активното играње – вели Балевски.

Откако се повлече, Балевски заплови во тренерските води. Тој му беше помошник на Хаџиевски во Вардар, со него беше и во Саудиска Арабија, а потоа самостојно водеше неколку клуба. Извесно време Балевски беше и селектор на женската репрезентација на Македонија. По осамостојувањето беше селектор на селекцијата на новинарите, која играше против избраниот тим на првиот македонски селектор Хаџиевски.
Ете, таква беше кариерата на Ванчо Балевски, кој на многуте клупски настапи додаде и десет за олимписката и два за сениорската репрезентација на Југославија.