Фудбалерите на Милан го завршија учеството во Лига Европа откако загубија од Олимпијакос со 1-3, во возбудливиот меч од последното коло на групната фаза, одигран вечерва во Атина. 

Олимпијакос поведе преку Папе Абу Сисе во 60-та минута, ја зголеми предноста по автоголот на Кристијан Запата во 70-та минута, за истиот играч да погоди за Милан 110 секунди подоцна. Константинос Фортунис го постигна решавачкиот гол од пенал во 81-та минута, по прекршокот на Игнацио Абате. Гостите сметаа дека ударот од белата точка е неоправдано досуден.

На тој начин, Милан заврши на третото место во групата Ф, зад Олимпијакос и Бетис. Италијанскиот клуб е елиминиран поради послаба гол-разлика во однос на Олимпијакос (12-9 наспроти 11-6 на Грците), откако двете екипи беа израмнети со по 10 освоени бодови, како и во меѓусебните дуели. Седумкратниот европски првак испадна во почетната групна фаза на едно континентално натпреварување за првпат по сезоната 1999-2000. Тогаш Милан претрпе рана елиминација од Лигата на шампионите.

Понатамошно учество во Лига Европа, покрај Олимпијакос, обезбедија и Баер, Цирих, Салцбург, Селтик, Зенит, Славија Прага, Динамо Загреб, Фенербахче, Арсенал, Спортинг Лисабон, Бетис, Вилјареал, Рапид Виена, Ајнтрахт Франкфурт, Лацио, Генк, Малме, Севилја, Краснодар, Динамо Киев, Рен, Челси и БАТЕ Борисов. На овие екипи, во следната рунда ќе им се приклучат третопласираните клубови од Лигата на шампионите, Бриж, Интер, Наполи, Галатасарај, Бенфика, Шахтер, Плзен и Валенсија. Ждрепката за двојките од нокаут-фазата ќе се влече в понеделник.