Флорентино Перез во разговор со новинарот Антонио Абелјан од 2004 година

Озборувања, наводна уцена и најави за тужби се опфатени во скандалот со објавувањето во јавноста на аудиоснимки од приватните разговори на претседателот на Реал Мадрид Флорентино Перез (74), во кои тој критикува и навредува повеќемина славни фудбалери и тренери на кралскиот клуб.

Во аудиоснимките кои ги објави шпанскиот весник „Ел Конфиденсијал“ се слушаат критиките на Перез за повеќемина фудбалери и тренери на кралскиот клуб меѓу кои се Раул Гонзалес, Икер Касилјас, Кристијано Роналдо, Жозе Мурињо, Висенте дел Боске и Зинедин Зидан. Разговорите се од периодот меѓу март и октомври 2012 година.

– Роналдо е луд. Тој тип е идиот. Тој е болен. Би помислиле дека е нормален, но не е. Да беше, немаше да ги прави сите глупави нешта што ги прави – кажа Перез, додавајќи дека „Роналдо и Мурињо имаат лоши ега, се разгалени и не ја гледат реалноста“, а згора рече и дека португалскиот тренер е идиот.

Првиот човек на 13-кратниот европски првак не ги штедеше ниту клупските легенди Икер Касилјас и Раул Гонзалес.

– Касилјас не е ниту стандарден голман во Реал. Што можам да кажам? Тој е наш неуспех. Проблем е што луѓето го обожуваат, сакаат, разговараат со него и многу го бранат. Тој е една од најголемите измами, а другата е Раул. Тие се двете најголеми измами во Реал. Раул на првото место, а потоа Касилјас.

Перез се подготвува да поднесе тужба против новинарот Антонио Абелјан и весникот „Ел Конфиденсијал“ поради објавување на аудиоснимките. Во тужбата ќе се тврди дека четирите снимки објавени во текот на 24 часа, го нарушуваат угледот на претседателот на Реал Мадрид. Клубот преку соопштение веќе најави дека ќе покрене правна постапка.

Новинарот во средиштето на скандалот, наводно, барал 10 милиони евра од Реал за да ги избрише спорните снимки, како што пренесе „Марка“, повикувајќи се на тврдењата на Карлос Бустилјо изнесени во емисија на радиостаницата „Онда Серо“. Реал Мадрид, наводно, не ја прифатил уцената која била понудена на состанок во мадридски ресторан, на кој присуствувал потретседателот на клубот Едуардо Фернандез дел Блас.