Одлуката кој ќе го освои признанието ќе ја донесува техничкиот набљудувач на УЕФА

Според УЕФА, со наградата ќе се вреднуваат улогата во решавачките моменти, тактичката зрелост, креативноста и инспирацијата, исклучителната вештина и фер-играта

Европската фудбалска унија (УЕФА) со денешните натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) ќе почне нова практика – ќе го прогласува најдобриот играч на секој меч од ЛШ.
Одлуката кој ќе го освои признанието ќе ја донесува техничкиот набљудувач на УЕФА на секој меч, а наградата на најдобриот ќе му биде врачувана веднаш по завршувањето на натпреварот.

Според УЕФА, со наградата ќе се вреднуваат улогата во решавачките моменти, тактичката зрелост, креативноста и инспирацијата, исклучителната вештина и фер-играта.

Технички набљудувачи на Европската фудбалска унија за осминафиналето се познати некогашни фудбалери, и тоа Патрик Бонер (Република Ирска, голман, одигра 600 меча за Селтик, од 1978 до 1998), Козмин Контра (Романија, поранешен фудбалер на Милан и Атлетико и селектор на Романија од 2017 до 2019), Аитор Каранка (Шпанија, поранешен играч на Атлетик и на Реал), Роби Кин (играч со најмногу мечеви и голови за Република Ирска), Роберто Мартинез (Шпанија, сега селектор на Белгија), Хинес Мелендез (Шпанија, успешен тренер на млади категории), Фил Невил (Англија, поранешен фудбалер на Манчестер јунајтед и репрезентативец, сега селектор на женската репрезентација на Англија), Вили Рутенштајнер (Австрија, спортски директор на репрезентацијата на Израел) и Герет Саутгејт (селектор на Англија, репрезентативец од 1995 до 2004 година), објави УЕФА.