Во главниот град на Република Ирска беше влечена ждрепката за квалификациските групи за ЕП 2020, кое првпат ќе се игра во 12 града, во исто толку земји, и кое ќе се игра во чест на 60-годишнината од првото ЕП, во 1960 година во Франција

Во главниот град на Република Ирска, Даблин, се одржа ждрепката за квалификациските групи за Европското првенство (ЕП) во 2020 година, кое, во чест на 60-годишнината од првото ЕП, во 1960 година во Франција, ќе биде посебно во неколку параметри. Првенството што Европската фудбалска унија (УЕФА) го наслови како „забава низ цела Европа“ првпат ќе се одржува во 12 града низ Европа и на него вторпат ќе настапат 24 репрезентации. Даблин, каде што се одржа ждрепката, ќе биде домаќин на четири натпревари, на стадионот „Авива“, а процените се дека Ирска ќе заработи околу 50 милиони евра.

На ждрепката присуствуваа претставници и селектори на 55 национални асоцијации на УЕФА, меѓу нив и од Македонија (селекторот Игор Ангеловски), вкупно над 650 гости, меѓу кои над 300 претставници на земјите-учеснички. Во Даблин беа и повеќе од 350 акредитирани новинари, 70 радио и телевизиски станици, кои настаните од Даблин во живо им ги презентираа на над 140 милиони луѓе во светот.
Бидејќи завршницата на ЕП ќе се одржува во различни земји, ќе нема автоматски квалификант, што значи дека првпат секоја земја за пласманот на финалниот турнир ќе мора да се избори преку квалификациите.

Во квалификациите за ЕП 2020, 55-те репрезентации се во шест групи со по пет селекции и во пет групи со по пет репрезентации. Двете првопласирани од 10-те групи (вкупно 20) ќе се пласираат на ЕП, а преостанатите четири преку плејоф-мечевите во Лигата на нациите (ЛН), во март 2020 година. Квалификациските натпревари ќе играат во периодот помеѓу март и ноември 2019 година.

Форматот за финалниот турнир ќе биде ист како и на претходното ЕП 2016, што значи дека ќе има шест групи со по четири репрезентации. Победникот и второпласираната селекција од секоја група, како и четирите најдобри третопласирани, ќе играат во осминафиналето.