Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски го објави списокот од 23 фудбалери за претстојните два квалификациски натпревара за Европското првенство (ЕП) 2020, група Г, на гости против Израел и против Летонија, на 5 септември и четири дена подоцна. Меѓу репрезентативците првпат ќе биде напаѓачот на француски Ним, Влатко Стојановски.

– Би бил задоволен доколку одиграме како на претходните натпревари, освен против Австрија. Не би бил задоволен ако освоиме помалку од три бода на двата меча, но најбитно ќе биде со игра да се спротивставиме на секој противник. Што се однесува до составот, до пред две недели бев загрижен за одбраната, не играа Алиоски и Велковски. Во меѓувреме Велковски играше за Риека во плејофот за Лига Европа, а Алиоски е стандарден во Лидс на минатите три натпревари. Ме радува и што играчите се здрави и што можеме да сметаме на тие што сакаме. Поради повреда го нема Ристовски, ќе го нема ниту Хасани, кој е без клуб, а Чурлинов е отстапен во младата селекција. Стојановски е дебитант, лани беше најдобар стрелец во Првата лига, а во репрезентацијата се враќаат Тричковски, Дориев и Спировски – вели Ангеловски.

По четири натпревари, Македонија има една победа, дома со Летонија (3-1), едно реми, на гости со Словенија (1-1) и два пораза во Скопје, од Полска (0-1) и од Австрија (1-4) и е на петтото место со четири бода (гол-разлика 5-7), пред Летонија, која е без бодови. На лидерската позиција е Полска со 12 бода, пред Израел со седум. На ЕП 2020 ќе се пласираат двете првопласирани репрезентации. 


Состав на Македонија
Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Валјекано), Дејан Илиев (Серед), Дамјан Шишковски (Работнички)
Одбрана: Висар Муслиу (МОЛ Фехервар), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кире Ристевски (Ујпешт), Дарко Велковски (Риека), Ѓоко Зајков (Шарлроа), Езџан Алиоски (Лидс)
Среден ред: Енис Барди (Леванте), Аријан Адеми (Динамо З.), Бобан Николов (МОЛ Фехервар), Стефан Спировски (Ференцварош), Елиф Елмас (Наполи), Кире Маркоски (АЕЛ), Марјан Радески (Шкендија), Љупчо Дориев (Академија Пандев)
Напад: Горан Пандев (Џенова), Иван Тричковски (АЕК Л.), Илија Несторовски (Удинезе), Александар Трајковски (Мајорка), Крсте Велкоски (Сараево), Влатко Стојановски (Ним)