Одлуката на ФИФА за евентуално СП 2022 со 48 селекции е одложена за јуни, а челниците на УЕФА се противат на идејата на ФИФА за клупско СП со 24 тима, како и за воведување на светска лига на нации

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, навести дека неговиот план за проширување на Светското првенство (СП) во 2022-та во Катар, од 32 на 48 репрезентации, нема да биде финализиран до состанокот на Советот на ФИФА, закажан за 15 март во Мајами, САД, што значи дека крајниот рок за таа одлука ќе биде јуни. По Мајами, следниот состанок на Советот на ФИФА е во јуни во Париз, пред СП за жени.

Дополнителните 16 репрезентации ќе значи дека Катар ќе треба да ги сподели натпреварите во регионот на Заливот.

– Ќе биде многу тешко да се организира СП само во Катар поради географски причини. И геополитичката ситуација е сложена. Треба да одлучиме до јуни годинава, бидејќи квалификациите почнуваат наесен – рече Инфантино на состанокот на ФИФА во Рим.
Катар во 2010 година беше избран за домаќин на СП 2022-та со 32 селекции и гради осум стадиони. Турнирот со 48 екипи веќе е планиран за СП во 2026 година во САД, Канада и во Мексико, но Инфантино сака да додаде уште 16 репрезентации и на првото СП на Блискиот Исток.

– Ако е можно, ќе бидам среќен, ако не, пак ќе бидам среќен. Јас секогаш сум оптимист – вели Инфантино.

Инфантино дејствуваше по малку резигнирано поради оддолжувањето на плановите за проширено клупско СП и за создавање глобална лига на нации (ЛН). ФИФА има понуда од 25 милијарди долари од инвеститори што би управувале со новите натпреварувања 12 години, почнувајќи од 2021-та. Но челниците на Европската фудбалска унија (УЕФА) се противат на тој план, наведувајќи ја како причина тајноста на ФИФА за тоа кои се инвеститорите. Предложеното клупско СП наводно ќе „вреди“ три милијарди долари, а би се одржувало секои четири години.

– Сите треба да бидеме усогласени и да го почитуваме демократскиот процес. Тоа е малку тешко, бидејќи не зборуваме само за пари. Но во кој било друг сектор, доколку некој дојде со договор вреден 25 милијарди долари, луѓето не велат „не“. Тие велат „честитаме, браво“. Јас можам да ви гарантирам дека, со оглед на минатото, никој во ФИФА не би размислувал да направи нешто чудно на комерцијално ниво – изјави Инфантино.