Со своите клубови македонските интернационалци сезонава освоија десетина екипни и индивидуални трофеи и имаа забележителни улоги во успесите на своите тимови

Македонските фудбалски интернационалци и репрезентативци имаа забележителна улога во натпреварувачката сезона која полека одминува. Повеќето од нив имаа квалитетна календарска година, оставија позитивни траги со своите игри во клубовите во кои ги бранат боите, придонесувајќи во освојувањето нови национални и куп-трофеи, обезбедувајќи опстанок во националните лиги, но и освојувајќи лични признанија.

Меѓу оние кои оставија зад себе успешна фудбалска сезона се капитенот на Сараево, Крсте Велкоски, кој ја освои двојната круна во БиХ, првенството (постигнувајќи 11 гола на 30 натпревари) и Купот. Во финалето на тамошниот Куп беше совладан Широки Бријег, каде што тренер е Гоце Седлоски.

Со првенствена титула може да се пофалат и фудбалерот за врска, Аријан Адеми, кој како капитен ги брани боите на Динамо од Загреб, како и Стефан Спировски со Ференцварош во Унгарија. Пласман во Серија А во Италија во регуларниот дел обезбеди и Палермо, во чии редови играат напаѓачите Илија Несторовски (14 гола на 26 меча) и Александар Трајковски (8/34), но сепак, клубот со одлука на Италијанската фудбалска федерација е префрлен во Серија Ц.
Националните куп-пехари ги кренаа повеќе македонски играчи. Меѓу нив се стоперот на Риека, Дарко Велковски, одбранбениот играч на португалски Спортинг, Стефан Ристовски, чиј клуб во финалето, но по изведувањето пенали го совлада големиот ривал Порто, потоа играчот за врска на унгарски Види, Бобан Николов, одбранбениот играч на кипарски АЕЛ Лимасол, Давор Здравковски, левото крило на словачки Спартак Трнава, Кире Маркоски, кој во финалето (славеа на пенали) против Жилина постигна два гола.

Напаѓачот на АЕК Ларнака, Иван Тричковски, доби големо признание, односно е прогласен за фудбалер на годината на Кипар. Неговиот клуб во националното првенство го освои второто место, а тој постигна 15 првенствени гола и уште пет во Лига Европа.

Голема улога одигра Енис Барди, кој со шпански Леванте избори опстанок, откако во клучниот меч на гости против Жирона (2-1), македонскиот репрезентативец донесе победа со гол во 86. минута. Секако, тука е и капитенот Горан Пандев, кој со Џенова обезбеди опстанок во Серија А. Итн. Од актуелните репрезентативци членот на Келн, Дарко Чурлинов, во јуниорската Бундес-лига го подели второто место на листата на стрелците (17 гола), а утре голманот на Арсенал, Дејан Илиев, ќе има можност да ја освои Лига Европа (ЛЕ), во мечот со Челси.