Мора да се подобрувате од ден на ден. Тие што застануваат губат, вели Гасперини, чија Аталанта е хит во фудбалската ЛШ сезонава, има најефикасен напад во Италија од сезоната 2018/2019 и, едноставно кажано, е еден од највозбудливите тимови во светот

ФУДБАЛ – ЏАНПЈЕРО ГАСПЕРИНИ, ТРЕНЕР НА АТАЛАНТА

Џанпјеро Гасперини е тренер на италијанската Аталанта, која е хит во фудбалската Лига на шампионите сезонава, тим што постигна повеќе голови од кој било тим во Италија од сезоната 2018/2019. Тој во интервјуто за „Гардијан“ зборува и за тоа како ги мотивира играчите. Вели дека често им остава пораки во соблекувалната, а една од последните била од Мајкл Џордан. Но Гасперини вели: „Најдобра е онаа со сликата од група волци, неколку напред, неколку во средината и назад. Пораката е дека сите мора да се штитат еден со друг“.
Пред коронавирусот, Аталанта ја имаше најдобрата сезона во 113-годишната историја, а постигна и најмногу голови во Италија – сезонава дури 70 на 25 меча во Серија А. Аталанта, едноставно кажано, е еден од највозбудливите тимови во светот. Како го стори тоа Гасперини?

– Има една кинеска мудрост од 500 година пр. н.е. од „Уметноста на војувањето“, која гласи: „Одбраната ве прави непобедлив, но ако сакате да победите мора да нападнете“. Тоа ги сумира духот и менталитетот што сакам да ги има мојот тим. Но има и нешто друго што е, исто така, важно, а тоа е идентитетот што го создавате со тимот, кој секогаш мора да се подобрува. Мора да се подобрувате од ден на ден. Тие што застануваат губат – вели тој.
Тренинзите на Гасперини се многу напорни, Кристијан Виери еднаш рече дека Гасперини „ќе ве уништи на тренинг“, а капитенот на тимот Папу Гомез дека тренираат толку напорно што мечот го чувствуваат како слободен ден.

– На тренинзите моите играчи треба да се борат, оние што не се навикнати напорно да тренираат ме загрижуваат. Ако не трчате на тренинг, тогаш нема да трчате и на меч. Секако дека е важно да се забавуваме на тренинзите, затоа што од таму доаѓаат стилот на игра и квалитетот. Постои тајна. Кога ќе достигнете зрелост, сфаќате дека напорната работа дава плод и веќе не се чувствувате уморни. Да не заборавиме на фактот дека фудбалерите не тренираат толку напорно како другите спортисти – вели 62-годишниот Гасперини.
Во почетокот на сезоната 2016/2017, Аталанта на Гасперини загуби четири од првите пет меча.

– Решив да одам по својот пат, да ги следам докрај моите идеи. Подготвен сум да ризикувам, бидејќи верувам во тоа. Сакав да имам проект врзан за млади играчи, по можност израснати во академијата на Аталанта. Предолго столбот на тимот беше премногу стар, па се обидов да избегнам испаѓање со различен метод, да имам целосна доверба во младите играчи, да ги развивам и приоритет да биде квалитетен фудбал – рече Гасперини, кој ретко отстапува од формацијата 3-5-2 или 3-4-3, иако прави повеќе ротации на позициите и чија игра со висок пресинг е необична за италијанската лига.

Неговата сопруга Кристина вели дека тој понекогаш се буди ноќе, го грабнува компјутерот и почнува да пишува белешки.
– Да. Со мојот компјутер во текот на ноќта секогаш барам решенија за следниот меч и кога ќе поверувам дека ќе функционираат, почнуваме со тренинзите – вели тој и се смее. 


Гвардиола: Играњето против Аталанта е како одење на забар

Пеп Гвардиола рече дека играњето против Аталанта на Џанпјеро Гасперини е како одење на забар.
– Да, мојата цел е да создадам тим што ќе направи на секој противник да му е непријатно. Оние што играат против нас мора да трчаат многу и тоа им пречи. Мислам дека метафората со одење на стоматолог е совршена – вели Гасперини. 


„Не верувам во концептот на чекање грешка на противникот“

Во Италија, Џанпјеро Гасперини секогаш го сметале за човек што сака да игра со три центархалфа и бил критикуван поради тактиката поврзана со „катанаџото“.
– Горд сум на ова, затоа што играњето со тројца централни играчи во одбраната го предложив пред многу години. Тогаш ми беше кажано дека тоа е премногу дефанзивно. Го докажав спротивното, а тоа е дека тројцата назад може да учествуваат и во креирањето на офанзивната игра. Формацијата не е многу важна, битно е со колку играчи напаѓате или се браните. Ако треба да ја сумирам мојата одбранбена филозофија, тоа е дека не верувам во концептот на чекање грешка на противникот – изјави Гасперини.