Стадионот „Роуз боул“ во Лос Анџелес

Тој мундијал ќе се игра во САД, Канада и во Мексико, а во САД е предвидено да се игра на 10 стадиони, но веќе се пријавени 18 од 17 града

Во писмото до челниците на 17 града во САД заинтересирани да бидат домаќини на натпреварите на Светското првенство (СП) во 2026 година во фудбал, американската фудбалска федерација им ги претстави планот и условите што треба да ги исполнуваат 10-те стадиони при изборот на почетокот од идната година. Домаќини на СП 2026, покрај САД, ќе бидат Канада и Мексико, кои би требало да одберат по три локации за одигрување на натпреварите. Последниот збор за тоа во кои градови и на кои 16 стадиони ќе се играат натпреварите ќе го има Светската фудбалска федерација (ФИФА).

Во сегашните 17 американски понуди се опфатени 18 стадиони, бидејќи Лос Анџелес аплицира со два, со стадионот „Роуз боул“, каде што се играше финалето на СП 1994, и со новиот стадион во „Инглвуд“, со капацитет од 100.000 места, кој треба да биде отворен годинава. Другите градови во конкуренцијата се Њујорк/Њу Џерси, Атланта, Балтимор, Бостон, Синсинати, Далас, Денвер, Хјустон, Канзас сити, Мајами, Нешвил, Орландо, Филаделфија, Сан Франциско, Сиетл и Вашингтон. Чикаго, третиот по големина американски град, седиштето на ФА на САД и домаќин на почетниот натпревар на СП 1994, одби да се кандидира поради недобивањето финансиски гаранции од ФИФА.

Од Канада, градови заинтересирани за домаќини на мечевите на СП 2026 се Торонто, Монтреал и Едмонтон. Но се шпекулира дека Ванкувер, кој иако првично не доставил понуда, би можел да се врати во игра, на местото на Едмонтон. Ванкувер беше домаќин на финалето на СП за жени 2015 година.

Во Мексико, кој двапати беше домаќин на СП, во 1970 и во 1986 година, натпреварите би требало да се играат во Мексико сити, во Гвадалахара и во Монтереј. Со зголемениот број репрезентации за 50 отсто, од 32 во Катар во 2022-та, на 48 во Северна Америка, четири години подоцна, СП 2026 ќе биде најголемиот фудбалски настан на сите времиња. Планирани се вкупно 80 меча, а од четврт-финалето натаму сите треба да се играат во САД.