На фајналфорот во Белград сигурно ќе играат Фенербахче и Жалгирис, а вчера играа ЦСКА – Химки (2-1 во победи) и Реал – Панатинаикос (2-1)

Литвански Жалгирис и актуелниот европски првак, турски Фенербахче, се првите два тима што обезбедија настап на фајналфор-турнирот во кошаркарската Евролига што треба да се одржи во Белград, Србија, од 18 до 20 мај. Жалгирис беше поуспешен од грчки Олимпијакос, а Фенербахче од шпанска Басконија, двете со по 3-1 во победи.
Противник во полуфиналето на Жалгирис, кој пред 19 години ја освои единствената шампионска титула и оттогаш не играл на финален турнир, ќе му биде Фенербахче.

Тренерот на Фенербахче, кој четврта година во низа ќе настапи во завршницата, Србинот Жељко Обрадовиќ, има шанса да ја освои 10-та титула првак на Европа, што не му успеало досега на ниту еден играч, тренер или екипа. Кај тимовите рекордер е Реал Мадрид, со девет титули (втор е ЦСКА Москва со седум), меѓу играчите води Дино Менегин со седум трофеи, а кај тренерите Обрадовиќ има девет титули, пет повеќе од најблиските колеги-тренери.
Вчера, во четвртите мечеви од четврт-финалето, играа руските тимови ЦСКА Москва и Химки (2-1 за ЦСКА), како и Реал Мадрид – Панатинаикос (2-1).