Битен е колективниот аспект, како играме заедно и како уживаме во нашиот стил на игра. Младите ја заслужија нашата доверба и покажаа дека треба да веруваме во нив. Младите играчи можат да се одржат и да се развиваат само кога се опкружени со вистински карактери и со повозрасни луѓе што ги прават подобри, објаснува Артета

МИКЕЛ АРТЕТА, МЕНАЏЕР НА АРСЕНАЛ

Менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Арсенал, Микел Артета, во интервјуто за „Скај спорт“ објаснува, меѓу другото, зошто Букајо Сака, Емил Смит Роу и другите млади ѕвезди во подем се клучни за иднината на клубот.
– Обожавам да работам со млади играчи и да им давам можност да играат, но не само тоа. Битен е колективниот аспект, како играме заедно и како уживаме во нашиот стил на игра. Затоа сме тука, да забавуваме, да ги правиме горди нашите навивачи и да победуваме на натпреварите – вели Артета.
Сака и Смит Роу не се единствените млади играчи на кои Артета се обидува да им помогне да станат подобри фудбалери. И Габриел Мартинели се бори за стартно место во тимот, а големи надежи се полагаат и во напаѓачот, 19- годишниот Фоларин Балогун.
– Младите ја заслужија нашата доверба и покажаа дека треба да веруваме во нив. Не само според игрите туку и во начинот на кој се снаоѓаат и според тоа како тренираат секој ден. Младите играчи можат да се одржат и да се развиваат само кога се опкружени со вистински карактери и со повозрасни луѓе што ги прават подобри. Тие имаат среќа да имаат постари играчи околу себе што им влеваат поголема самодоверба. Тие можат да направат грешки, знаејќи дека постарите играчи ќе ги заштитат, што е важно – објаснува Артета.
Сака (19) беше извонреден во текот на целата сезона, постигна седум гола и имаш седум асистенции на 38-те настапи и одлично се снајде на позицијата од лев бек до десно крило.

– Интелигенција. Ние зборуваме за физичка подготвеност, зборуваме за дух, зборуваме за техника. Но мозокот е тој што ги носи сите одлуки. Тој носи многу добри одлуки на теренот затоа што е интелигентен, знае да „чита“ ситуации. Се разбира, потоа има можност да ги прави акциите на вистински начин и тоа е голем квалитет – вели Артета.
Сака беше стандарден кај Артета, но сезонава стана клучен во нападот.
– Ми требаше време да го сфатам. Затоа го ставав да игра на различни позиции, да видам како ќе реагира. Сакав да го тестирам и неговиот карактер, бидејќи играше како лев бек и знам дека тоа не беше неговата идеална позиција, но мораше да го помине тој период. Видовме како може повеќе да влијае врз играта и да биде вистинска закана. Тој има квалитет да одлучи фудбалски натпревар. Кога го имате тоа, треба да се обидете да му ја најдете вистинската позиција за тој да одлучува што е можно повеќе – вели Артета.
Артета го вели истото и за Смит Роу. Мартинели (19), сепак, мораше да биде потрпелив. Напредокот на Бразилецот беше запрен поради повредата на коленото минатата сезона, но Артета се надева дека периодот надвор од тимот ќе му користи на подолг рок. Во Арсенал се надеваат дека и Балогун (19), кој потекнува од клупската академија во која е главен Пер Мертесакер, поранешен соиграч на Артета, наскоро ќе биде многу позабележителен. Тој сакаше да си замине од клубот, но неодамна реши да го продолжи договорот. Артета смета дека тоа е уште еден пример за посветеноста на Арсенал кон младите играчи.

Младите играчи, кои се надеваат дека ќе направат чекор напред, мора да покажат, пред сѐ, одбранбени способности. Само квалитетот не е доволен.
– Во моментот кога ќе ја загубите топката, мора да ја бркате цело време, со вистински интензитет, и ако тие се ослободат од вашиот пресинг, треба да се вратите назад веднаш. Ако не го сторите тоа, не можете да играте. Тоа се желба и срце. Ако не можете да го направите тоа по 90 минути и џогирате назад, ќе разберам. Но во првиот половина час нема изговори – вели Артета.