Голманот на Атлетико Мадрид, Јан Облак (27), ја спаси мрежата на гостински терен во Осасуна и со тоа стигна до 100-от натпревар во Ла лига без да прими гол.
Словенецот со тоа уште еднаш потврди дека моментално е еден од најдобрите чувари на мрежата.

Во победата од 5-0 над Осасуна, тој стигна до 100-от натпревар во шпанското првенство, во кој не беше совладан во рекордно краток временски период.
Потребни беа 182 натпревари за Облак да го надмине претходниот рекорд на Мигел Реина, кој до 100-те натпревари без затресена мрежа стигна со 222 натпревари. Трет на таа листа е Виктор Валдез, кој до „100-та“ стигна по 227 одиграни средби.

Словенечкиот голман пристигна во Атлетико Мадрид во сезоната 2014/2015 од португалска Бенфика, а за време на досегашниот стаж во сегашниот клуб, тој го освои шпанскиот Суперкуп, Лига Европа и Суперкупот на УЕФА, на двапати беше и втор во шпанското првенство, а во Лигата на шампионите во сезоната 2015-2016 беше поразен во големото финале.