Европскиот суд на правдата има историја со фудбалот и во моментов го проучува и случајот на Суперлигата. Судот го донесе и т.н. правило Босман во 1995 година, кое имаше сеизмички ефект врз фудбалот. Еден од адвокатите на Босман е дел од тимот и за новиот случај, со квотите за домашни фудбалери, пишува АП

Нов фудбалски правен случај оди до Европскиот суд на правдата, по спорот на клубови од Суперлигата со Европската фудбалска унија (УЕФА), откако судија во Белгија побара од судот на Европската Унија во Луксембург да испита дали правилата за домашни фудбалери, поддржани од УЕФА, смислени да ги заштитат младите локални таленти, се во согласност со слободното движење на трудот и законот за конкуренција во блокот од 27 нации, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Правилата, формирани од УЕФА во 2005 година, а подоцна применети во Белгија, беа оспорени во таа земја. Случајот го почна Антверпен, а со оваа процедура се предизвикува Белгискиот фудбалски сојуз за поставувањето квоти за домашни играчи во составот на првиот тим на клубот и во списокот за натпреварите.
Во белгиските клубови, меѓу 25 играчи постари од 21 година мора да има и осум фудбалери што биле тренирани во земјата. Најмалку шест домашни фудбалери мора да бидат во тимот за мечевите, во почетните состави или како резерви за натпреварите. Адвокатите тврдат дека е ограничена можноста на клубовите за ангажирање, потпишување и за избор на тимот, се вели во документот на бриселскиот суд, во кој имаше увид АП.
Меѓу нивните аргументи е дека домашните квоти ги фаворизираат земјите со повисока популација што имаат и поголем број потенцијални играчи. Белгија има 11,5 милиони жители.

Белгискиот фудбалски сојуз применува домашни квоти од 2011 година, од почетокот на деценијата во која машката репрезентација стана прворангирана во светот и стигна до полуфиналето на Светското првенство во 2018 година. Белгиската прва лига соопшти дека укинувањето на квотата на домашните играчи во составите на тимовите на натпреварите „не е на дневен ред“.
– Ако на најдобрите фудбалери од нашите клубови не им се даде шанса да играат во нашата лига, малку е веројатно дека идната генерација на репрезентацијата ќе може да ги исполни очекувањата на јавноста – вели Пјер Франсоа, извршен директор на Пролигата.
Белгиските фудбалски власти ја следеа Европската фудбалска унија, која доби одобрение од националните членови во 2005 година за да создаде правило дизајнирано да ги заштити локално тренираните фудбалери во своите клупски натпреварувања, како што е Лигата на шампионите.
– Ова, исто така, има цел да се спротивстави на трендот за собирање играчи и повторно да се обиде да воспостави „локален“ идентитет во клубовите – рекоа од УЕФА за своето домашно правило.

Од пред 11 години клуб што игра во натпреварувањата на УЕФА мора да има осум домашни фудбалери од која било националност во составот од 25 фудбалери. Нема квоти за составот на тимовите за натпреварите. Најмалку четворица од домашните фудбалери морале да поминат три години во клубот на возраст од 15 до 21 година, а до четворица можеле да тренираат во друг клуб од истата земја.
Бидејќи државјанството не е пречка, Европската комисија во Брисел во 2008 година кажа дека правилото на Европската фудбалска унија е компатибилно со слободното движење на работната сила. Сепак, судијата во Брисел минатата недела одлучи да побара прелиминарни одлуки од Луксембург за толкување на членовите 45 и 101 од Договорот за функционирање на Европската Унија, пишува АП.
Европскиот суд на правдата има историја со фудбалот, а во моментов го проучува и случајот на Суперлигата. Судот го донесе и т.н. правило Босман во 1995 година, кое имаше сеизмички ефект врз фудбалот. Таа пресуда во корист на белгискиот фудбалер Жан-Марк Босман овозможи играчите без договор да заминат во друг клуб без трансфер-сума и помогна да се зголемат платите. Исто така, укинати беа квотите за државјанство, кои ги ограничуваа клубовите да ангажираат фудбалери од ЕУ. Еден од адвокатите на Босман е дел од тимот за новиот случај со квотите за домашни фудбалери, а тој и уште еден белгиски адвокат, исто така, работат со клубовите од Суперлигата, пишува АП.