Арсенал користи обновлива енергија од 2017 година, сега инсталира и систем за складирање енергија, 80 отсто од отпадоците по мечевите ги рециклира, а со користење ЛЕД-рефлектори ја намалува потрошувачката на енергија за 30 отсто. Форест грин, пак, поради еколошката посветеност, е првиот клуб што е прогласен за „јаглерод неутрален“ од Обединетите нации

Спортските арени сѐ повеќе се подобруваат со нови технологии за подобрување на уживањето на навивачите и за генерирање дополнителни приходи, но англискиот премиерлигаш Арсенал отиде чекор понапред, со новата инсталација на својот стадион „Емирати“, со која ќе ги подобрат и своите зелени карактеристики, објави „Форбс“.
Станува збор за инсталација на систем за складирање енергија (огромни батерии), кои имаат капацитет доволен за напојување на стадионот со електрична енергија цели 90 минути. Тоа е еквивалент за обезбедување енергија за 2.700 дома, за два часа. Нивниот систем за складирање енергија е најголем од кој било спортски објект во Англија, а тој следното лето ќе се прошири, по што ќе има капацитет од три до 3,7 мегавати.

Кога системот за складирање енергија нема да биде користен од фудбалскиот клуб, тој ќе ѝ биде на располагање на националната електрична мрежа на Велика Британија. Приходите ќе бидат поделени меѓу фудбалскиот клуб, инвеститорот „ЛЛП Даунинг“ и „Пивот пауер“ што ја инсталира единицата со договор за следните 15 години.

– Ова е голем чекор напред за нас за да бидеме ефикасни во користењето на енергијата и во намалувањето на присуството на јаглерод во воздухот – вели Винаи Венкатесам, директор на Арсенал.

Арсенал користи обновлива енергија од 2017 година, 80 отсто од своите отпадоци по мечевите ги рециклира, а со користење ЛЕД-рефлектори за осветлување на стадионот ја намлува потрошувачката на енергија за 30 отсто. Ефектот од тоа се седум милиони килограми јаглерод помалку во атмосферата.

Владата верува дека со овие чекори Арсенал поставил добар пример, кој треба да го следат и другите клубови и компании.

– Со овој проект се постигна хет-трик во справувањето со високите цени и во зачувување чиста енергија, за да се врати енергијата во мрежата кога е најпотребно. Пофлексибилната енергетска мрежа би можела да ѝ спаси милијарди долари на Велика Британија, така што овој вид најсовремена технологија им покажува на компаниите потенцијал да бидат дел од паметните енергетски системи – вели Клер Пери, министер за финансии во Секторот за деловна енергетика и индустриска стратегија во фудбалот.

Обновливи енергетски извори користат и други големи фудбалски клубови низ целиот свет. Добар пример е и амстердамската арена во Холандија, која се напојува со комбинација од сончева и енергија од ветер, а на сличен принцип функционира и арената на Борусија Дортмунд. Во ова друштво спаѓа и англискиот четвртолигаш Форест грин роверс, кој има амбиција да го зазелени фудбалот, користејќи технологија за остварување на овие цели.

Целиот клуб се напојува со обновлива енергија. Тревата на својот стадион ја косат со електрични косилки на соларна енергија управувани од ГПС-уред. Во кругот на стадионот имаат дури и станици за полнење електрични автомобили. Поради еколошка посветеност е првиот клуб што е прогласен за „јаглерод неутрален“ од Обединетите нации.

Во нивниот амбициозен план има и проект за изградба на нов стадион, целосно од дрво, кој ќе има капацитет од 5.000 седишта и кој би бил најсамоодржлив на планетата. Неговата изградба би чинела 100 милиони фунти. Тие се и едни од ретките клубови чии играчи целосно применуваат вегански начин на исхрана (без продукти од животинско потекло).

Во Форест грин роверс сѐ е посветено на екологијата. Покривот на стадионот е прекриен со соларни панели од кои се собира обновлива енергија, целиот дожд што паѓа на трибините и на теренот се собира и се пречистува за да се намали потрошувачката на вода, а тревата на теренот е органска и ја коси робот што се напојува со соларна енергија и истиот тој е програмиран да препознае доколку има некој на теренот да го промени правецот на движење и подоцна да се врати да го искоси заобиколениот дел…