Европското првенство почнува утре, Копа Америка в недела, а финалињата на двете се на 11 јули (според времињата на почеток на средбите по средноевропско време). Ќе има денови со по пет меча вкупно на двете првенства и денови кога ќе може да се проследат средби од 15, 18, 21, 23 часот и од 2 часот наутро следниот ден

ФУДБАЛ

И годинава се совпаднаа со термините две силни континентални првенства, европското и тоа на Јужна Америка, па во следните триесетина дена љубителите на фудбалот ќе имаат можност да следат и ТВ-маратон. Европското првенство (ЕП) почнува утре со дуелот Турција – Италија (21 часот), а првата средба на Копа Америка (КА) е в недела, Бразил – Венецуела (23 ч. според средноевропско време). Финалињата се на 11 јули (на КА според локално време е на 10 јули од 21 часот, односно два часот на 11 јули според средноевропско време, а на ЕП финалето е од 21 часот). ЕП се игра во 11 земји, а КА во Бразил.
Според распоредот, ќе има денови со по пет меча вкупно на двете првенства, како на пример на 21 јуни, почнувајќи со средбата Колумбија – Перу (2 ч.), преку дуелите Македонија – Холандија, Украина – Австрија (двете од 18 часот), Русија – Данска, Финска – Белгија (двете од 21 часот), до мечот Уругвај – Чиле (од 23 часот). Четири средби ќе има на 23, 27 и на 29 јуни итн. На 19 јуни, пак, на програмата се две дерби-средби, Аргентина – Уругвај (2 ч.) и Португалија – Германија (18 ч.)… Вкупно ќе треба да се одиграат 78 меча (51 на ЕП), а ќе има денови кога ќе може да се проследи фудбалски ТВ-маратон од повеќе од 12 часа, оти, на пример, на 13 јуни на ЕП ќе има средби од 15, 18 и од 21 часот, а потоа на КА од 23 часот и од 2 часот наутро на 14 јуни. Ваков ТВ-маратон ќе има и на 18-19 јуни.

Фудбалските вљубеници на 30 јуни, потоа и на 1, 5, 8 и на 9 јули ќе имаат целосно слободни денови, оти нема да има натпревари ниту на Европското првенство ниту на Копа Америка. Четвртфиналињата на двете првенства се од 2 до 4 јули, полуфиналињата на 6 и на 7 јули, Копа Америка има и меч за третото место, на 10 јули, а финалињата се на 11 јули (датумите се според почетоците на мечевите според средноевропско време).
Двата шампионата во иста година се играа и во 2004 и во 2016 година. Претходно КА главно се играше во непарни години, а ЕП постојано во парни (исклучок е годинашното, поради пандемијата на коронавирусот). Предвидено е двете големи фудбалски натпреварувања и во иднина да се играат истовремено.
На 16-то Европско првенство и на 47-та Копа Америка годинава ќе настапат вкупно 34 репрезентации, а титулите ги бранат Португалија и Бразил. Континенталните фудбалски возбудувања потоа продолжуваат во САД, каде што од 10 јули до 1 август на програмата е првенството на Северна Америка (Голд куп). Титулата ја брани Мексико.