Фертонген поради повреда мораше предвреме да го напушти натпреварот

Симптомите на потрес на мозокот може да бидат скриени и да бараат од поединецот да биде искрен за тоа како се чувствува, а тие, исто така, можат да бидат одложени во нивната презентација. Проценувањето на состојбата дури и пет минути, како што беше случајот со Фертонхен, не дозволува медицинскиот персонал да направи сигурна дијагноза. Веруваме дека дојде време фудбалот да воведе привремени измени, кои ќе овозможат да се спроведе подолготрајно оценување на состојбата со повредениот фудбалер, вели Лук Григс, портпарол на „Хедвеј“

Добротворната организација за повреди на мозокот „Хедвеј“ повика на промена на правилата во фудбалот, со овозможување привремена измена за време на меч во кој некој играч претрпел повреда со удар во главата, јави британскиот дневен весник „Телеграф“. Тоа е реакција по одлуката на медицинскиот тим на англискиот премиерлигаш Тотенхем на мечот во вторникот со холандскиот Ајакс во полуфиналето на Лигата на шампионите да му дозволат на Јан Фертонген да се врати во игра по добиениот удар во главата.

На белгискиот фудбалер на Тотенхем пет минути му беше укажувана помош на теренот, по што доби дозвола од медицинскиот тим да се врати во игра, но кратко потоа самиот излезе, не можејќи да продолжи да игра. Повредата на Фертонген е уште една во долгата низа инциденти што го доведоа во прашање протоколот во фудбалот при вакви повреди, а сега „Хедвеј“ бара акција.

– Веруваме дека дојде време фудбалот да воведе привремени измени, кои ќе овозможат да се спроведе подолготрајно оценување на состојбата со повредениот фудбалер. Симптомите на потрес на мозокот може да бидат скриени и да бараат од поединецот да биде искрен за тоа како се чувствува, а тие, исто така, можат да бидат одложени во нивната презентација. Проценувањето на состојбата дури и пет минути, како што беше случајот со Фертонхен, не дозволува медицинскиот персонал да направи сигурна дијагноза, особено кога е спроведена на теренот, под погледот на десетици илјади гледачи што сакаат што побрзо да продолжи играта. Притисокот врз медицинскиот персонал е огромен и неправеден, особено во такви мечеви каков што е полуфиналето на Лигата на шампионите – вели Лук Григс, портпарол на добротворната организација.

Покрај привремените измени, „Хедвеј“ повика да има „независни лекари експерти за потрес на мозокот“, за да ја донесат конечната одлука за тоа дали фудбалерите се способни да продолжат да играат на тој меч.

Повеќе години има повици за привремени замени во фудбалот, какви што има, на пример, во рагбито.