Преодниот рок во најсилните фудбалски лиги во светот е во тек, а веќе се потрошено речиси три милијарди евра, иако дури допрва се очекуваат најголемите трансфер-бомби.

Според некои податоци, досега најмногу за нови засилувања потрошиле шпанските клубови со речиси една милијарда евра, а следуваат англиските и италијанските со по 600 милиони, германските со 520 и француските клубови со 200 милиони евра. Засега најголема фудбалска ѕвезда во преодниот рок е Белгиецот Еден Азар, кој од Челси замина во Реал Мадрид за 100 милиони евра. Но неговиот рекорд брзо би можеле да го надминат Французинот Пол Погба и Бразилецот Нејмар, а за нешто помала сума би можеле да променат средина Аргентинецот Мауро Икарди, Велшанецот Герет Бејл, Белгиецот Ромелу Лукаку…

Досега најскап фудбалски трансфер во историјата е оној на бразилскиот ас Нејмар, кој од Барселона замина во ПСЖ за 222 милиони евра, но многумина стручњаци сметаат дека тешко наскоро би можел да биде соборен овој рекорд. Засега можни големи трансфери летово се тие на Антоан Гризман, Икарди, Матијас де Лихт, Хамес Родригез, Лукаку, Бејл, Кутињо, Дембеле, Погба, Нејмар… Преодниот рок во Англија трае до 8 август, додека во Шпанија, Франција, Германија и Италија до 2 септември.