Фудбалската репрезентација на Македонија ремизираше со Исланд 2-2, откако испушти водство од два гола разлика во последните 12 минути од мечот во Рејкјавик, во рамки на квалификациите за Светското првенство во Катар в година.

Езџан Алиоски асистираше од корнер за првиот гол на Дарко Велковски кој погоди со глава во 12-та минута, а потоа и самиот ја затресе противничката мрежа со прецизен удар во 54-та минута. Бринјар Инги Бјанарсон намали на 1-2 во 78-та минута, користејќи ја одбиената топка по слабата реакција на македонскиот голман Столе Димитриевски при слободен удар на Исланд. А резервистот Андри Гудјонсен израмни во 84-та минута, две минути откако влезе во игра. Станува збор за 19-годишниот син на славниот, поранешен исландски репрезентативец и напаѓач на Челси и на Барселона, Ејдур Гудјонсен. Бјанарсон во судиското надополнување на мечот, на самата гол-линија го спречи ударот со глава на Дарко Чурлинов, по центаршут на Алиоски, да заврши во мрежата на Исланд.

Македонија има осум бода од пет одиграни средби со што се наоѓа на третото место во групата Ј, зад Ерменија која има 10 поени и Германија со девет (двете селекции досега одиграа по четири средби), во пресрет на нивниот вечерашен дуел во Штутгарт од 20.45 часот. Романија, пак, вечерва игра против Лихтенштајн на домашен терен.

Избраниците на Благоја Милевски в среда ќе се сретнат со Романија во Скопје, во следниот меч од квалификациите.