Аргументот за наплата на таксата за новопромовираните клубови е дека и тие треба да преземат дел од одговорноста во врска со негативните ефекти од коронавирусот, кои ќе влијаат не само сезонава туку и наредната, па дури и онаа потоа

Клубовите што во следните две сезони од Чемпионшип ќе се пласираат во елитната Премиер-лига ќе мора да платат по осум милиони фунти (8,8 милиони евра) за да се намалат штетите настанати поради пандемијата на коронавирусот.
Ваквото условување од Премиер-лигата предизвика збунетост, па и бес, меѓу клубовите од Чемпионшип. Тие се прашуваат зашто мора да платат своевидна казна што се однесува на сезоната во Премиер-лигата во која немале никаков удел. Некои на тоа гледаат и како на плаќање влезна такса во „клубот на ексклузивни членови“. Според нив, најелитната лига треба да го шири своето влијание, па и пари, како што бараше Владата, а не да ги распредели долговите со другите лиги и клубови. Премиер-лигата беше принудена да се согласи да им направи попуст на ТВ-операторите во износ од 330 милиони фунти (366 млн. евра) поради неможноста, не по своја вина, да го испорача производот, односно натпреварите.

Како и да е, во следните две сезони секој од трите нови премиерлигашки клубови ќе мора да плати по осум милиони, или вкупно 48 милиони фунти (53,2 млн. евра). Промоцијата во повисок ранг се проценува дека вреди 180 милиони фунти (200 млн. евра) по клуб и веројатноста е дека тие осум милиони би им биле одземени од парите што треба да им ги исплати Лигата. Клубовите што испаѓаат од Премиер-лигата, пак, може да очекуваат „отштета“ меѓу 75 и 90 милиони фунти (од 83 до 100 млн. евра) во текот на две или три години, но и од нив се очекува придонес, односно одземање пари како надомест на ТВ-операторите.

Аргументот за наплата на таксата за новопромовираните клубови е дека и тие треба да преземат дел од одговорноста во врска со негативните ефекти од коронавирусот, кои ќе влијаат не само сезонава туку и наредната, па дури и онаа потоа. Наредната сезона во Премиер-лигата ќе започне подоцна од предвиденото и Лигата, во преговорите со ТВ-операторите околу попустот, во суштина ја плаќа цената за контрола на флексибилноста околу датумот на започнување. Друг аргумент е дека новите премиерлигаши влегуваат во изменет пејзаж, во натпреварување што ќе работи со зголемени трошоци во следните две сезони. Тоа е реалноста и затоа што се дел од тоа натпреварување, треба да платат, смета Премиер-лигата.