ФИФА ги игнорираше повиците на противниците на реконструкцијата на Светското клупско првенство и изгласа одобрување на нов формат на натпреварувањето со 24 екипи кој ќе започне во јуни 2021 година, пренесува „Гардијан“.

Потегот да се промени сегашниот формат на натпреварувањето на кое учествуваат само седум екипи и се одржува во зимскиот период и тоа да се замени со многу поголем и лукративен начин на натпреварување кој ќе се одржува секое четврто лето, може да предизвика несогласувања меѓу ФИФА и европската фудбалска елита.

Европската асоцијација на клубови (ЕЦА), која претставува 232 екипи на континентот, Европската куќа на фудбалот (УЕФА) и Унијата на фудбалерите (ФИФПро) не се согласуваат со одуката и сметаат дека таа е донесена без консултација со нив, особено поради тоа што светскиот фудбалски календар е полн со натпреварувања. Дополнително, несогласувањата се нагласуваат и поради финансиските планови на Џани Инфантино за новиот турнир.

Претседателот на ФИФА Инфантино, ја објави оваа одлука по одржувањето на советот на организацијата вчера во Мајами. Инфантино има намера Европа во новото натпреварување да има осум од 24 екипи, а шест да доаѓаат од Јужна Америка, три од Азија, Африка и Конкакаф регионот и еден од Океанија. Се проценува дека секој клуб би заработил околку 50 милиони евра од учеството на новиот формат на клупското СП.

Според некои шпекулации по појавување на наводно писмо од ЕЦА, членови на одборите на Барселона, Јувентус, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед потврдиле дека нема да учествуваат на вакво првенство или во било кое друго ново натпреварување најрано до 2024 година, пишуваат од реномираниот весник.

Претседателот Инфантино призна дека има несогласување во ставовите за неговата идеја кој првпат ја предложи минатата година и рече дека се надева на конструктивен дијалог за да се изнајде заеднички прифатливо решение.

– Светот сега ќе види вистиско купско СП, каде што навивачите ќе ги видат најдобрите тимови кои ќе се натпреваруваат за вистиска светска титула. Сите се надеваме дека најдобрите тимови ќе учествуваат. Претходно, имавме добри и позитивни разговори со Уефа – нагласи Инфантино.

Додатно, тој ја отфли идејата дека новиот формат на клупското СП ќе биде дополнителен товар врз играчите.

– Новиот формат нема да има негативно влијание врз календарот. Новото клупско СП ќе има позитивно влијание, а пет натпревари на четири години нема да бидат голем товар за играчите – дополни тој.

Засега, нема информации каде би се одржал турнирот со нов формат, но се очекува тој да го заземе местото на планираниот Куп на Конфедерации, закажан за 2021 година.

ФИФА ја одложи одлуката за проширување на СП 2022 година

ФИФА ја одложи финалната одука за тоа дали ќе го зголеми СП кое е закажано за во Катар во 2022 година од 32 на 48 репрезентации. Одлуката ќе биде донесена на конгресот на 5 јуни.

Инфантино лобираше за зголемување на турнирот од пред повеќе од една година, но одлучи да купи повеќе време. Пред сè, за да се донесе одлука за проширување на СП, домаќинот Катар мора да се согласи. Проширувањето исто така значи дека првенството ќе добие еден ко-домаќин, а можеби и повеќе.

Катар во мометов има дипломатски несогласувања со земјите од Арапскиот полуостров како што се Бахреин, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, што значи дека единствени реални кандидати да бидат ко-домаќини на СП се Кувајт и Оман.

ФИФА исто така објави дека ВАР-системот ќе се користи и во овогодинешното СП за жени, кое започнува во Франција на 7 јуни.