Фото: Игор Бансколиев

На состанокот на Извршниот комитет на Африканската фудбалска конфедерација беше поддржан предлогот на Саудиска Арабија на неодамнешниот состанок на ФИФА за промена на фреквенцијата на одржување на СП

ФУДБАЛ

Африканската фудбалска конфедерација (КАФ) го поддржува одржувањето на светските првенства (СП) на секои две години, како и плановите за континентална Суперлига, се вели во соопштението, пишува агенцијата „Франс прес“ (АФП).
На состанокот на Извршниот комитет (ИК) на КАФ во Мароко, со кој претседаваше Патрис Моцепе, беше поддржан предлогот на Саудиска Арабија на неодамнешниот состанок на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за промена на фреквенцијата на одржување на светските првенства.
Откако Уругвај беше домаќин на првиот турнир во 1930 година, најголемиот настан во еден спорт се одржува на секои четири години, освен за време на Втората светска војна.
Моцепе не е загрижен дека биеналното светско првенство, заедно со биеналниот Куп на нации на Африка, ќе предизвика проблеми. Можно решение би било комбинирање на квалификациите за двата турнира, како што беше направено во 2006 и во 2010 година.
ИК ѝ наложи на комисијата за клупски натпреварувања да ја забрза студијата за оправданост за африканска Суперлига. Нема детали за предложеното натпреварување, кое минатата година го најави претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино, пишува АФП. Тој предложил 20 клуба да бидат постојани учесници, а другите да се квалификуваат преку регионални натпреварувања.