Роберт Левандовски победи и во изборот на „Гардијан“ за најдобар фудбалер на годината, пишува британскиот весник, кој направи избор на 100 најдобри фудбалери. На таа листа Ливерпул има најмногу играчи.
Ништо не можеше да го запре бројот девет на Баерн во 2020 година. Во 2020 година тој постигна 45 погодоци на 40 натпревари. Тој има 253 голa на 333 натпревари во Бундес-лигата. Тој 15 пати ја затресе мрежата кога Баерн ја освои Лигата на шампионите, станувајќи најдобар стрелец на натпреварувањето, пишува „Гардијан“.
Во изборот учествувале 241 лице, а Левандовски беше број 1 кај 201 од нив, што е еквивалентно на 83 отсто, број на кој никој не му се доближи откако Меси доби 100 проценти во 2012 година (тогаш имаше само 11 лица на гласачкиот панел). Левандовски е еден од само 12-те играчи што се најдоа на секоја листа откога почна прогласувањето на „Гардијан“ во 2012 година. Преостанатите се Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Нејмар, Еден Азар, Лука Модриќ, Серхио Агуеро, Луис Суарез, Тиаго Силва, Тони Крос, Серхио Рамос и Карим Бензема.
Ливерпул можеби ја загуби круната во Лигата на шампионите, но ја освои Премиер-лигата и има најмногу играчи, 12, на списокот во 2020 година, еден повеќе од Баерн. Победата на Баерн во Лигата на шампионите придонесе Германија да се искачи на првото место со најмногу играчи на списокот. Со 12 фудбалери, Германија е пред Франција (11), Бразил (10) и Англија (9). Од првенствата, Премиер-лигата е повторно најзастапената лига со 35 играчи, два помалку од 2019 година.