Во новото клупско натпреварување, трето по ранг, по Лигата на шампионите и Лига Европа, ќе учествуваат 32 тима, а победникот ќе се пласира во групната фаза на Лига Европа за следната сезона

Третото по ранг европско клупско натпреварување што ќе почне да се игра од сезоната 2021/2022 официјално ќе се вика Конференциска лига (КЛ), објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Во Лигата на нации (ЛН) во следното, второ издание, од сезоната 2020/2021, во Лига А, наместо 12 репрезентации поделени во четири групи со по три селекции, ќе има 16 селекции, по четири во четирите групи. Овие и некои други одлуки беа донесени на состанокот на Извршниот комитет (ИК) на УЕФА, во Љубљана, Словенија.

Во новото клупско натпреварување, трето по ранг, по Лигата на шампионите (ЛШ) и Лига Европа (ЛЕ), ќе учествуваат 32 тима поделени во осум групи, од кои потоа по две првопласирани продолжуваат во осминафиналната фаза. Засега УЕФА не соопштува други детали за тоа кои и колку екипи од кои земји ќе бидат опфатени во ова натпреварување, но истакнува оти во него ќе се најдат „тимови од послабо рангирани нации и ќе биде шанса за повеќе клубови од повеќе земји да учествуваат во европскиот фудбал“. Секако, тоа ќе биде шанса и за македонските тимови за по­веќе европски мечеви во секоја се­зона.

Повеќе од извесно е дека, како и во ЛШ и во ЛЕ, учеството во КЛ ќе зависи од успехот во националните првенства и во домашните куп-натпреварувања.
Екипите што ќе бидат третопласирани во групите во Лига Европа ќе ги продолжат натпреварите во Конференциската лига, идентично како што третопласираните по групи од Лигата на шампионите продолжуваат да играат во Лига Европа. Победникот во КЛ, пак, ќе си обезбеди пласман во групната фаза во ЛЕ следната сезона, како што шампионот на ЛЕ потоа игра во групната фаза на ЛШ. Според најавите, натпреварите во КЛ ќе се играат во четвртоците, во два термина, како и во ЛЕ.

Во ЛН, по 16 репрезентации, распоредени во четири групи, ќе има и во лигите Б и Ц, а во најслабата, Лига Д, ќе има само седум репрезентации (една група со четири селекции, една со три). Распределувањето на репрезентациите по лиги ќе биде врз основа на пласманот во првото издание на ЛН. Заради ферплеј, решено е натпреварите од последното коло да се играат во ист ден и во ист термин. Завршните турнири по лиги остануваат со ист концепт (фајналфор за победниците во групите во секоја од лигите), со тоа што новото издание на ЛН нема да биде квалификациско за големо меѓународно натпреварување, како што беше првото, од кое победниците ќе играат на ЕП 2020, затоа што ќе се игра пред светско првенство. 


Со финале на Лигата на шампионите ќе се слави и 100-годишнината на „Вембли“

УЕФА ги одреди домаќините на финалињата во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) до 2023 година. Финалето на ЛШ во 2021 година ќе се игра во Санкт Петербург, второ од ваков вид во Русија, по она во 2008-та во Москва, помеѓу Манчестер јунајтед и Челси. Финалето на ЛЕ таа година треба да се игра во Севилја, Шпанија, а домаќин на Суперкупот е Белфаст, Северна Ирска. Финалето на ЛШ во 2022 година ќе се одигра во Минхен, Германија на арената „Алијанц“, каде што во 2012-та се играше финалето Челси – Баерн. Лондон и стадионот „Вембли“ во Англија ќе бидат организатори на финалето на ЛШ во 2023 година, што се совпаѓа со 100-годишнината од изградбата на оригиналниот „Вембли“, во 1923 година. На легендарниот стадион, кој во 2002 беше урнат и на истото место беше изграден новиот, супермодерен стадион, со капацитет од 90.000 места, и отворен во 2007-та, досега биле играни седум финалиња во КЕШ/ЛШ, претходното во 2013 година, помеѓу Баерн и Борусија Дортмунд.


ВАР се шири низ Европа

Европската фудбалска унија (УЕФА) одлучи технологијата видеоасистент-судија (ВАР) да се применува од нокаут-фазата во Лига Европа сезонава, потоа во финалињата на Лигата на шампионите за жени, почнувајќи од сезоната 2019/2020, како и на Европското првенство (ЕП) за жени во 2021 година, заедно со технологијата за гол-линијата. ВАР во ЛШ за мажи се применува од осминафиналето минатата сезона, а од сезонава од групната фаза.


УЕФА ќе засади 600.000 дрвца во земјите-домаќини на ЕП

Во рамките на прославата 60 години од првото Европско првенство (ЕП) во 1960 година ќе бидат засадени 600.000 дрвца, по 50.000 во 12-те града-домаќини на ЕП 2020, објави Европската фудбалска унија (УЕФА), која е потписник на иницијативата Спорт за климатски активности.
– Сакаме да ги прославиме 60-те години на ЕП и тоа комбинирањето на тоа со еколошкото наследство е логичен избор. Ќе бидат засадени околу 600.000 дрвја, по 50.000 во секоја од 12-те земји-домаќини. Верувам дека ова ќе им помогне на сите тие заедници да имаат корист од ЕП 2020 што се игра таму – рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Чеферин најави и дека ЕП 2020, кое ќе се одржува низ целиот континент, во 12 града од 12 земји, најверојатно ќе биде последно од ваков вид поради логистиката и визните проблеми поврзани со организирањето ваков настан.