Пет тима успеале да ја надоместат негативата од првиот меч на домашен терен и да се пласираат во следната рунда, а кога станува збор за незаборавни победи во реваншите по убедливите порази на првите натпревари, УЕФА издвојува повеќе други средби

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Пред вечерашните и утрешните реванши од четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница потсетува на најголемите пресврти и им нуди своевидна инспирација на Баерн и на Порто вечерва, но и на Ливерпул и на Борусија Дортмунд утревечер по негативата од првите мечеви дома, против ПСЖ (2-3) и Челси (0-2), односно на гости против Реал Мадрид (1-3) и Манчестер сити (1-2).
Во ерата на ЛШ само пет тима успеале да ја надоместат негативата од првиот меч на домашен терен и да се пласираат во следната рунда. Последен, во сезоната 2018/2019 беше Манчестер јунајтед, кој во првиот меч загуби дома од ПСЖ со 0-2, но во реваншот во Париз победи со 3-1 и се пласира во полуфиналето. Во истата сезона, во полуфиналето, Тотенхем беше поразен на свој терен од Ајакс со 0-1, но во реваншот победи со 3-2 и се пласира во финалето. Претходно, во четврт-финалето, Ајакс загуби дома од Реал Мадрид со 1-2, но во реваншот забележа победа со 4-1. Пред 10 години, во четврт-финалето Интер претрпе пораз дома од Баерн со 0-1, но во реваншот победи со 3-2. И во сезоната 1995/96, во полуфиналето, Ајакс го претвори поразот од Панатинаикос дома со 0-1 во триумф во Атина со 3-0.

Кога станува збор за незаборавни победи во реваншите по убедливите порази на првите натпревари, за издвојување се четири меча. Барселона во незаборавниот дуел со ПСЖ во четврт-финалето во сезоната 2017/2018, во првиот меч во Париз загуби со 0-4, но во реваншот на стадионот „Ноу камп“ забележа победа со 6-1.
Три тима успеаја да надоместат негатива од три гола на првиот меч. Пред две сезони, во 2018/2019, во првиот полуфинален натпревар Барселона го совлада Ливерпул со 3-0. Но во реваншот се случи „чудо“, Ливерпул славеше со 4-0. Претходната сезона, во четврт-финалето, Барса загуби од Рома, која дома ја победи со 4-1, но во реваншот загуби со 0-3. Милан против Ла Коруња во четврт-финалето во сезоната 2003/2004 во Милано победи со 4-1, но во реваншот беше 4-0 за тимот од Шпанија.
Девет тима успевале да анулираат негатива од два гола. Тоа се Јувентус, против Атлетико (0-2 и 3-0), Реал Мадрид со Волфсбург (0-2 и 3-0), Баерн со Порто (1-3 и 6-1), Челси со ПСЖ (1-3 и 2-0), Манчестер јунајтед со Олимпијакос (0-2 и 3-0), Барселона со Милан (0-2 и 4-0), Челси со Наполи (1-3 и 4-1), Монако со Реал Мадрид (2-4, 3-1) и Барселона со Челси (1-3, 5-1).