Биле собрани вкупно 1.616 примероци за анализа помеѓу 1 јануари 2021 година и крајот на ЕП 2020, пишува УЕФА на својата интернет-страница

ФУДБАЛ

Сите 1.616 примероци на урина и на крв земени од фудбалерите за време на Европското првенство (ЕП) 2020 од Европската фудбалска унија (УЕФА), Светската фудбалска федерација (ФИФА) и националните антидопинг-организации на репрезентациите учеснички на ЕП биле негативни, објави УЕФА на својата интернет-страница.
Сеопфатната антидопинг-програма на УЕФА воведена за Европското првенство, која почна во јануари 2021 година и траеше до крајот на турнирот, бележи огромен успех, пишува УЕФА. Анализата на податоците за тестирање, складирани во базата на податоци на Светската антидопинг-агенција (ВАДА) за 624 фудбалери што учествуваа на ЕП 2020 покажа дека УЕФА, ФИФА и НАДО собрале вкупно 1.616 примероци на урина и крв помеѓу 1 јануари 2021 година и крајот на турнирот годинава. Тоа е просек од 2,59 примероци собрани по играч во период од нешто повеќе од шест месеци. Околу 616 примероци биле собрани од играчи што биле дел од меѓународната недела за одигрување на квалификациските натпревари за Светското првенство во 2022 година, во март годинава, мечевите пред ЕП и во тренинг-базите за ЕП, 584 биле собрани од играчи на ЕП 2020 од УЕФА, ФИФА и НАДО за време на сезоната, што вклучува натпревари на УЕФА, ФИФА и во националните лиги, а уште 416 примероци биле собрани од УЕФА за време на натпреварите на ЕП 2020.
Примероците од анализите се додадени во биолошките пасоши на фудбалерите, со што се овозможува следење на избраните биолошки варијабли со текот на времето, пишува УЕФА. Според долгорочната програма за складирање примероци на УЕФА, сите примероци од ЕП 2020 ќе се чуваат во период од десет години. Ова значи дека УЕФА ќе биде во состојба повторно да ги анализира сите примероци ако е потребно поради добиени информации или нови аналитички техники што ќе станат достапни во иднина, пишува УЕФА на својата интернет-страница.