Фудбалскиот свет му се поклони на капитенот на македонската репрезентација

Бројни љубители на фудбалот и светски медиуми го одбележаа простувањето на капитенот Горан Пандев од дресот на македонската репрезентација на денешниот натпревар од Европското првенство против Холандија, оддавајќи му почит на легендарниот играч за постигнувањата во неговата богата кариера. Пандев одигра 122 меча за Македонија на кои забележа 38 голови.

„Kонечно доби шанса шанса да ја претставува неговата држава на големо натпреварување. Потполно заслужено Горан“, „репрезентативната кариера на Пандев траеше 20 години. И му требаше да ја помине кариерата за да ја предводи Македонија на големо натпреварување, но најпосле успеа“ – гласат дел од коментарите во медиумите.

Многумина имаа пофалби и за начинот на кој соиграчите го поздравија Пандев при неговото излегување од теренот во Амстердам, правејќи шпалир кога тој беше заменет во 68-та минута.

„Овој шпалир за Пандев. Имам солзи во очите“, „толку сум среќен поради спектакуларниот крај на репрезентативната кариера на Горан Пандев. Апсолутна легенда на македонскиот фудбал“, пишуваат новинарите кои беа импресионирани од гестот на македонските фудбалери.

Канадскиот спортски новинар Брендан Данлоп ја спореди важноста на Пандев за Македонија, со значајот што го имаат Лионел Меси за Аргентина, односно Кристијано Роналдо за Португалија.

– Ми се допаѓа реакцијата од соиграчите. Пандев е апсолутна икона во неговата татковина. Важен за Македонија колку што се важни и Меси и Роналдо за Аргентина и за Португалија.

Оригинален коментар имаше ирската обложувачница „Педи Пауер“ на нејзиниот твитер-профил, каде што беше напишано „не знаев дека Горан Пандев уште игра, ниту дека е од Северна Македонија, но верувајте дека плачам додека го гледам неговиот последен настап за репрезентацијата“.

Реакциите на љубителите на фудбалот ја покажуваат почитта ширум светот кон легендарниот Пандев и кон успесите во неговата кариера која беше крунисана со настапот со Македонија на Европското првенство.