Нејмар го предводеше Бразил до пласман меѓу најдобрите осум репрезентации на Светското првенство (СП) во Русија, со триумфот над Мексико 2-0 во осминафиналето, во кој повторно можеа да се забележат неговиот извонреден талент за фудбал, како и способностите за глума.

Напаѓачот на француски Пари Сен Жермен го постигна првиот гол во 51-та минута, додека неговата индивидуална акција беше клучна за погодокот Роберто Фирмино во 88-та минута, кој ја искористи одбиената топка од мексиканскиот голман Гилјермо Очоа, по ударот на Нејмар. 

Но, Нејмар паѓаше театрално по стартовите на противничките фудбалери, слично како и на претходните средби на Мундијалот, со што повторно беше главна тема меѓу љубителите на фудбалот на социјалните мрежи. Поделени се мислењата и за реакцијата на Нејмар, откако Мексиканецот Мигел Лајун згазна на неговиот скочен зглоб додека Бразилецот беше надвор од теренот покрај аут-линијата, по што уследи неколкуминутно превиткување на репрезентативецот на „селекао“, за набргу потоа да се врати во игра. Оние кои беа на страната на Нејмар, пак, сметаа дека Лајун требаше да биде исклучен.

„Бразил победи, но ќе остане запаметен по глумата на Нејмар“, „дајте му оскар“, „Нејмар, дојди во Индија. Боливуд те повикува“, гласат дел од твитовите на сметка на Нејмар.

Првата ѕвезда на Бразил е во главна улога и според учинокот на теренот, што го покажува статистиката. Нејмар е водечки фудбалер во досегашниот тек на СП според бројот на упатени удари (23), удари во рамките на голот (12), создадените шанси за соиграчите (16) и според бројот на прекршоци направени над него (23).

Петкратниот светски првак Бразил, во четврт-финалето го очекува подобриот од вечерашниот дуел помеѓу Белгија и Јапонија (20 часот).