Пресреќен сум. Елиминиравме европски шампион. Се пласиравме во полуфиналето и сега нѐ чека уште повеќе работа. Покажавме дека сме вистински тим и мора за тоа да им се честита на сите, изјави Нејмар, по победата на ПСЖ во двомечот со Баерн

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Пари сен Жермен му се реваншира на Баерн за поразот во ланското финале на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), елиминирајќи го во четврт-финалето (3-2 на гости и 0-1 дома, оди понатаму поради правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости). Противник на ПСЖ на патот до финалето ќе му биде Манчестер сити или Борусија Д. (реваншот го играа синоќа, 2-1 за Манчестер сити беше по првата средба). ПСЖ втора сезона во низа е полуфиналист, откако во претходните 11 обиди само еднаш, во сезоната 1994/95, беше меѓу најдобрите четири тима.
ПСЖ, предводен од напаѓачкиот тандем Нејмар и Килијан Мбапе, кои играат во голема форма, со Кејлор Навас на голот, и со дузина други екстра квалитетни играчи, како и со Маурисио Почетино на тренерската клупа, сезонава ги елиминира Барселона и Баерн.

– Пресреќен сум. Ние сме одличен тим, игравме против одличен тим, елиминиравме европски шампион. Се пласиравме во полуфиналето и сега нѐ чека уште повеќе работа. Покажавме дека сме вистински тим и мора за тоа да им се честита на сите – изјави Нејмар.
На Баерн во двата меча многу му недостигаше првиот стрелец, Роберт Левандовски, кој е повреден. Баварците упатија 45 удари на противничкиот гол, најмногу на два натпревара во ЛШ сезонава, колку и Севилја против Краснодар. Во аналите на Баерн ќе остане запишано и името на Австриецот Давид Алаба, кој го одигра 425-от натпревар во сите натпреварувања, колку што има и Французинот Франк Рибери, рекордни за странски играч во клубот.
– Видовте колку се опасни во нападот. Комплименти за мојот тим, иако ПСЖ оди натаму. Како фер губитник, би сакал да им честитам на победата. Мојот тим има многу квалитет во последната третина од теренот, но на овој меч му недостигаше тој завршен удар – изјави Ханси Флик, тренерот на Баерн.


Челси е англиски рекордер

Втор полуфиналист, по осми пат, најмногу од сите англиски тимови во ерата на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), е Челси, кој беше поуспешен од Порто (2-0 на гости и 0-1 дома, двата меча се играа на неутрален терен, во Севилја). Сините од Лондон, шампиони од 2012 година и вицешампиони од 2008 година, во полуфиналето ќе играат со подобриот од двомечот Реал Мадрид – Ливерпул (3-1 за Реал по првата средба во Мадрид).
– Тоа беше тешка, тешка борба, гледано отстрана, многу интензивен, многу брз натпревар. Беше тешко да се игра против Порто и да се избегне пресингот. Се браневме многу добро, заслуживме да не примиме гол, имавме подобри шанси, но не ги искористивме. Генерално, заслуживме да го победиме Порто по 180 минути игра – изјави менаџерот на Челси, Томас Тухел, кој го предводеше ПСЖ до ланското финале во ЛШ.


Актуелен првак третпат во низа не се пласира во полуфиналето

Баерн, кој го одигра 100-от натпревар во нокаут-фазата во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), стана третиот последователен европски првак што не успева да стигне барем до полуфиналната фаза во следната сезона (претходно Реал Мадрид и Ливерпул). Тоа не се случило од сезоната 2004/2005 до 2007/2008, со тогашните бранители на титулата, Порто, Ливерпул, Барселона и Милан.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

ПСЖ – Баерн 0-1
Вкупно: 3-3, ПСЖ оди понатаму поради правилото за голови на гости
Челси – Порто 0-1
Вкупно: 2-1
Ливерпул – Реал М. синоќа
Прв меч: 3-1 за Реал Мадрид
Борусија Д. – Манчестер с. синоќа
Прв меч: 2-1 за Манчестер сити

ПОЛУФИНАЛЕ
ПСЖ – Манчестер с./Борусија Д.
Реал М./Ливерпул – Челси
мечевите се на програмата од
27 април до 5 мај