Со вниманието на фудбалскиот свет насочено кон Нејмар (28), во очекување тој да блесне и да го одведе Пари Сен Жермен до посакуваниот трофеј во Лигата на шампионите (ЛШ), бразилската фудбалска ѕвезда го прифати предизвикот во победата над Лајпциг од 3-0 во вечерашното полуфинале одиграно во Лисабон. Францускиот првак вечерва убедливо славеше против германскиот противник со головите на Маркињос во 13-та минута, Анхел Ди Марија во 42-та минута и на Хуан Бернат во 56-та минута.

Под притисок на поранешните неуспеси на скапиот тим на „светците“ во ЛШ (испаднаа од Манчестер јунајтед и од Реал Мадрид во осминафиналето во изминатите две сезони) и на скапиот трансфер од Барселона во 2017 година вреден 222 милиони евра, учинокот на Нејмар во најважните мечеви честопати е оспоруван од медиумите и навивачите.  Дури и мислењата за неговиот рекорден трансфер беа поделени, со што некои сметаа дека е историски, а други го нарекуваа „најголемата грешка во историјата на фудбалот“. Нејмар сѐ уште е во сенка на Лионел Меси и на Кристијано Роналдо, а во последно време и на соиграчот од ПСЖ Килијан Мбапе, кога се отвора прашањето кој е најдобар светски фудбалер. Згора, „десетката“ на ПСЖ минатата сезона не беше во добри односи со навивачите на парискиот клуб, кои на одредени мечеви го исвиркуваа, по што се спомнуваше можноста за негово враќање во Барселона.

– Во Бразил имаме израз во кој велиме дека Нејмар е вечно ветување. Дека тој е „бебето Нејмар“, но тој не е дете, тој порасна. Годинава, тој може да се искупи. Мечевите во ЛШ можат да сменат сѐ. Мислам дека тој нема да добие друга прилика како оваа – кажа бразилскиот новинар Фернандо Калас, кој ја следи кариерата на ѕвездата на ПСЖ и на бразилската репрезентација.

Но, токму Нејмар се покажа како еден од најзаслужните за пласманот на неговата екипа во финалето на ЛШ, дури и кога не постигнува голови кои се очекуваат од него. Бразилецот немаше среќа и самиот да се запише во листата на стрелците против Лајпциг, двапати погодувајќи ја стативата. Нејмар сепак, вечерва беше асистент за вториот гол на ПСЖ на Ди Марија, проигрувајќи го атрактивно со петица, а му додаде и на Маркињос за израмнувачкиот гол против Аталанта (2-1) во четврт-финалето.

Откако Нејмар дебитираше во ЛШ во сезоната 2013-2014, ниту еден фудбалер нема повеќе асистенции од него во престижното фудбалско натпреварување. Тој им асистираше на соиграчите во Барселона и на ПСЖ вкупно 24 пати на 59 настапи (Кристијано Роналдо е втор со 21 успешно додавање на 78 средби), а згора постигна и 35 погодоци.

ПСЖ предводен од Нејмар ќе се обиде да стигне до својот прв трофеј во ЛШ во финалето во кое ќе се соочи со подобриот од утрешниот дуел помеѓу Баерн и Лион (21 часот). Финалето се игра в недела.