Фото: Игор Бансколиев

Новиот селектор Благоја Милевски имаше неубедлив почеток на клупата на Македонија, откако неговите избраници не успеаја да ја скршат одбраната на Ерменците, ремизирајќи 0-0 во Скопје, додека директните ривали за пласман на Светското првенство в година, Германија и Романија забележаа гостински победи.

По настапот на Европското првенство, „рисовите“ ги чека предизвик да се квалификуваат и на Мундијалот во Катар следната година, но Ерменците успеаја да постават „сопка“ на тој пат, по двете пролетни победи кои го кренаа ентузијазмот.

Македонската репрезентација имаше поголем посед на топката и контрола на играта во првото полувреме, но Ерменците неколку пати имаа одлични шанси од контра.

По обидот на Елиф Елмас на стартот на мечот, Димитриевски мораше да реагира пред Адамјан во 23. минута од мечот, а репрезентативниот голман се покажа на висината на задачата  и во 27. минута кога спречи опасна акција на Адамјан. Елмас имаше уште една шанса, а и Александар Трајковски беше неефикасен во финишот на полувремето.

Германците, пак, не блескаа во првиот меч под водство на новиот селектор, Ханси Флик, победувајќи го Лихтенштајн со 2-0. Тимо Вернер беше прецизен во 41-та минута, а Лирој Сане погоди за 77-та минута, за рутинска победа на фаворитот.

Романците стигнаа до импресивна победа на гости кај Исланд од 2-0, благодарение на головите на Денис Ман (47 минута) и на Николае Станчиу (83).

Ерменците остануваат на врвот на табелата со 10 поени, пред Германците со 9, Македонија со 7 и Романија со 6 поени.

Македонија во следниот меч од квалификациите гостува кај Исланд в недела (од 18 часот).

СП 2022 КВАЛИФИКАЦИИ, ГРУПА Ј

Македонија – Ерменија 0-0

Лихтенштајн – Германија 0-2

Исланд – Романија 0-2


Французите пресилни за младата репрезентација

Репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година загуби на гостувањето кај фаворизираната Франција во првиот меч од квалификациите за Европското првенство откако младите „триколори“ предводени од новата ѕвезда на Реал Мадрид, Едуардо Камавинга, стигнаа до 3-0 победа.

Иако Французите имаа контрола на играта на стартот на мечот, до водство стигнаа со контроверзен гол, откако обидот на напаѓачот на Ремс, 19-годишниот Натаниел Мбуку заврши во пречката и падна на гол-линијата. Бидејќи не се користеше ВАР-технологијата, судијата го призна голот.

Камавинга, кого Реал Мадрид го купи во последните денови од преодниот рок, во 50-та минута со убав гол од далечина зголеми на 2-0. Последниот гол на мечот беше во 89-та минута кога дефанзивецот на Милан, Пјер Калулу ги постави конечните 3-0.

Избраниците на Драган Канатларовски веќе в недела ги чека уште еден тежок тест, против Србија на домашен терен.