Мислам дека немаше никаква потреба да се игра овој натпревар. Парите се многу важни, но, исто така, треба да се грижиме и за играчите. Сите заинтересирани страни треба да седнат и да поразговараат затоа што здравјето на играчите е многу важно. Сите сме согласни за тоа, но потребно е да се донесат одлуки, вели селекторот на Холандија, Франк де Бур, по повредите на двајца фудбалери на неговата репрезентација на мечот со Шпанија

ФУДБАЛ

Селекторот на Холандија, Франк де Бур, е последниот во низата што ја доведе во прашање потребата од меѓународни пријателски фудбалски натпревари во веќе пренатрупаниот календар. Ова дојде откако двајца негови фудбалери се повредија на мечот против Шпанија (1-1) во средата во Амстердам. Централниот бек Нејтан Аке мораше да ја напушти играта по само пет минути поради повредата на мускулот, по што веднаш се врати во Манчестер сити и ќе ги пропушти натпреварите со БиХ и со Полска во Лигата на нациите (ЛН). Десниот бек Ханс Хатбоер беше повлечен на полувремето откако претходно се судри со глава со Шпанецот Хозе Гаја, пишува „Ројтерс“.
– Мислам дека немаше никаква потреба да се игра овој натпревар. Парите се многу важни, но, исто така, треба да се грижиме и за играчите. Сите заинтересирани страни треба да седнат и да поразговараат затоа што здравјето на играчите е многу важно. Сите сме согласни за тоа, но потребно е да се донесат одлуки – изјави Де Бур по мечот.
Поради пандемијата на ковид-19 европските домашни сезони почнаа еден месец подоцна од вообичаеното, а репрезентациите играа по три наместо по два натпревара во период од две недели. Клубовите, исто така, се под зголемен притисок поради скратената сезона, а екипите што се натпреваруваат во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) одиграа три кола за три недели, се вели во написот на „Ројтерс“.
Критиките на Де Бур за многуте натпревари се надоврзаа на пехот на дефанзивецот на Ливерпул и репрезентативец на Англија, Џое Гомез, кој го повреди коленото на тренингот пред пријателскиот меч со Република Ирска.

– Гледајќи ја поголемата слика, јасно е дека сите инволвирани во оваа игра треба да работат заедно. Пандемијата на сите луѓе им наметна најразлични видови тешкотии и сите се обидуваат да ја реализираат програмата во пократок период што создава проблеми како што се оптоварувањата и повредите – изјави селекторот на Англија, Герет Саутгејт.
Минатиот викенд гласот поради згуснатиот календар го кренаа и менаџерите на врвните англиски тимови, Јирген Клоп на Ливерпул, Пеп Гвардиола на Манчестер сити и Оле Гунар Солскјер на Манчестер јунајтед. 


Тиаго Силва: Ние не сме машини

И Бразилците не ги одминаа повредите. На таа листа се наоѓа и најскапиот светски фудбалер, Нејмар, кој е неизвесен за дуелот против Уругвај на 17 ноември во квалификациите за Светското првенство во 2022 година. Покрај Нејмар, „кариоките“ ќе бидат без уште тројца повредени фудбалери, Фабињо, Каземиро и Филипе Кутињо.
– Една неодамнешна студија покажа дека е многу веројатно оти ќе се повредите откако ќе одиграте четири до пет натпревари едноподруго на секои три дена. Тоа е многу загрижувачко за нас. Губиме играчи што се заразени од ковид-19, други се повредуваат затоа што играме премногу натпревари. Ние не сме машини – вели Тиаго Силва, центархалфот на Челси, пренесува агенцијата „Франс прес“(АФП).
Германскиот репрезентативец и фудбалер на Реал Мадрид, Тони Крос, вели дека фудбалерите се обични „марионети“ на УЕФА и на ФИФА и се немоќни во дискусиите за натпреварувања, објави „АФП“.
– Како играчи, ние сме само марионети за сите овие нови работи што ги измислија ФИФА и УЕФА. Нас никој не нѐ прашува – изјави Крос.