Бразилецот Фелипе Кутињо (27) следната сезона ќе ја помине на позајмица во Баерн Минхен, откако раководството на Барселона одлучи дека оваа година за бразилскиот фудбалер нема место во составот на тренерот Ернесто Валверде. Тимот од „Ноу Камп“ ја потврди позајмицата во вредност 8,5 милиони евра, со можност за откуп на неговиот договор по цена од 120 милиони евра.

Во периодот од сезона и пол по трансферот од Ливерпул, Валверде не успеа да го вклопи „малиот магионичар“ во концептот и тактиката на екипата, иако претходно од Барселона инсистираа дека тој е еден од можните наследници на легендарниот Андрес Иниеста и за него платија 142 милиони евра.

Бразилецот забележа 21 гол и 11 асистенции на 76 настапи за Каталонците, што е недоволно за стандардните на Барса, неуспевајќи покрај Лионел Меси и поранешниот соиграч Луис Суарез, да се вклопи во тимот.

Човекот кој сонуваше да настапи за Барселона и силно инсистираше да го напушти Ливерпул, уверувајќи дека заминува од „Енфилд“ само поради неостварените сништа да игра на „Ноу Камп“, сега ќе се обиде да ја врати старата, препознатлива форма во Бундеслигата, во дресот на Баерн.