ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (209)

Стојмир Урошевиќ (2)

По прволигашката година во Тетекс, Урошевиќ беше цел на многу клубови, но тој се одлучи за Вардар. Во летото во 1982 година, тој пристигна во „златната“ генерација со која постигна добри резултати, а некои негови голови и денес се паметат. Урошевиќ имаше убава кариера и во Бугарија, бранејќи ги боите на Пирин и на Ќустендил

Откако ја одигра првата и единствена прволигашка сезона на Тетекс, Стојмир Урошевиќ-Цоле беше интересен за многу клубови во поранешната држава. Тој во еден момент беше и на вратата на Црвена звезда, но на крајот победија емоциите и како сите млади фудбалери од Македонија и тој се одлучи да дојде во Вардар. Тоа беше време кога практично се создаваше онаа генерација, во која подоцна лидер стана Дарко Панчев, а во која играа млади фудбалери селектирани од Стјепан Бобек. Тука беа Томче Трајановски, Пепи Георгиевски, Тони Савевски, Гордан Здравков, Милко Симовски, Гоце Алексовски, а Вардар ги врати и своите фудбалери позајмени на Победа – Сетинов и Грошев, и така почна да се создава една генерација, која по пет години, во 1987 година, ја освои и шампионската титула во Југославија.

– Кога дојдов во Вардар за шеф на стручниот штаб беше назначен Вукашин Вишњевац. Но неговиот претходник Бобек, со извонредната селекција што ја направи, постави една основа за брз напредок на клубот. Впрочем, со Бобек, кој си замина поради здравствени проблеми, Вардар по три години во Втората лига се врати во елитното друштво. Тогаш почна да се создава и онаа „златна“ генерација, која вардаровите симпатизери убаво ја паметат. Со промената на тренерите дојде и до комплетна промена на стилот на играта, а со тоа и на тренингот. За разлика од Бобек, кој беше приврзаник на романтичниот фудбал, на кој и тој како играч му припаѓаше, со Вишњевац тренинзите беа пеколни. Тој ја базираше играта на издржливост и постојано движење на играчите. Ако забележеше дека некој фудбалер губи сила, уфрлаше нов свеж играч, само да го одржи високото темпо на играта. Таков беше популарниот Вуле, дисциплиниран и строг, со свои методи на тренинг, кои носеа и добри резултати – вели тој.

ВО СКОПЈЕ ПЕТ ГОЛА ВО МРЕЖАТА НА ПАРТИЗАН

Доаѓањето во Вардар за тетовецот беше нова шанса за докажување и добивање ново искуство. Покрај младите фудбалери, кои беа форсирани од Вишњевац, во клубот останаа и неколку повозрасни искусни играчи. Тука беа долгогодишниот капитен Кочо Димитровски, потоа Ѓоре Јовановски, Перица Груевски, Борче Мицевски, Павле Георгиевски, Сандре Маневски, а уште не беше заминат од клубот и Зоран Банковиќ.
– Тие ни беа потпора на младите, многу ни помагаа и во критичните моменти стапуваа на сцена. Така, покрај нив и ние го добивавме потребното искуство. Смената на генерациите во Вардар помина безболно, зашто за тоа клубот имаше однапред подготвена стратегија. Јас на пример сѐ до доаѓањето од војска играв на позицијата на која настапуваше Васил Рингов, а Сандре Маневски, кој веќе имаше неколку понуди од странски клубови, полека му го отстапуваше своето место на Дарко Панчев, кој како виор долета во првиот тим и многу брзо стана лидер на генерацијата. Во една таква ситуација, кога секој си го знаеше своето место, не изостанаа и добрите игри и резултати – вели Урошевиќ.

Урошевиќ, како да беше тоа вчера, убаво се сеќава на своите први настапи и голови. Екипата „пукаше“ од енергија и уште во почетокот на сезоната 1982/83 ги покажа своите „заби“.
– Пред налетите на Вардар го „положија оружјето“ екипите, кои секогаш се сметаа за фаворити. И не само тоа, некои од нив беа испратени и со полна мрежа голови. Се сеќавам на нашиот голем триумф над Партизан, кога во 2. коло го победивме со 5-0, а јас бев стрелец на првиот гол. Тоа беше еден спектакуларен меч и загревање за сезоната, која многу ветуваше. Победата беше сигнал и за гледачите, кои почувствуваа дека во Вардар нешто позитивно се случува, па така стадионот од натпревар на натпревар беше сѐ пополн. Сакајќи да се зачува овој тренд, раководството на клубот донесе посебен правилник за давање премија на фудбалерите. Во тој правилник имаше клаузула, според која, ако има помалку од 7.000 гледачи, немаме премија, а ако има повеќе тогаш парите се ставаат во купче и по предлог на шефот на стручниот штаб, се делат на играчите според тоа кој колку заслужил – се сеќава Урошевиќ.

СТРЕЛЕЦ НА ПО ДВА ГОЛА ПРОТИВ ХАЈДУК И ЦРВЕНА ЗВЕЗДА

Новината со начинот на давање премија ја прифатија и некои други клубови. Фудбалерите беа свесни дека ако играат и победуваат ќе имаат и повеќе гледачи, а со тоа и поголеми премии.
– Едвај чекавме да дојдат мечевите на домашен терен. Уште кога ќе истрчавме на загревање фрлавме поглед кон трибините. Кога ќе видевме дека се полни ни доаѓаше некоја сила и бевме решени да „газиме“ без оглед кој ни беше противник, дали тоа беше тим од „големата четворка“ или некој стандарден прволигаш како Војводина, Сараево, Вележ, Риека, Слобода, Осиек, Олимпија. Ние ја игравме својата игра и настојувавме таа да биде што поквалитетна, а публиката задоволна да го напушти Градскиот стадион. Инаку, по онаа победа над Партизан дојдоа и други триумфи, некои и неочекувани, како на пример победата над Хајдук во Сплит со 1-3, кога бев стрелец на два гола. Постигнав два кола во победата со 1-2 над Црвена звезда во Белград. Тоа беа прекрасни мигови во мојата кариера. Се редеа многу натпревари, имаше победи и порази, радост и тага. Но чекоревме со единствена цел да излеземе во Европа. Тоа конечно се оствари во 1984 година, кога настапивме во Купот на УЕФА. Тогаш на кормилото на тимот беше Илија Димоски, но пред да почнат меѓународните настапи тој си замина, а на тренерското место повторно дојде Вишњевац. Во Купот на УЕФА прво го елиминиравме фаворизираниот Динамо од Букурешт, од кого таму загубивме со 2-1, стрелец на голот беше Рингов, а во реваншот со голот на Здравков победивме и го елиминиравме ривалот. Но во второто коло шкотскиот Данди со помош на судиите, во Данди ни беа исклучени два играча и тренерот Вишњевац, обезбеди пат за третото коло – вели тој.

ЗАМИНУВАЊЕ, ВРАЌАЊЕ И ОДЕЊЕ ВО БУГАРИЈА

Урошевиќ по четирите години во Вардар, во 1986 година замина за Приштина, па така не беше член на онаа генерација што триумфира во шампионатот на Југославија во 1987 година.
– Во Приштина одиграв една сезона, а потоа заминав на отслужување на воениот рок. По војската патот повторно ме доведе во Вардар, кој играше во Втората лига. Тренер ни беше Дојчиновски, кој подоцна беше заменет од Хаџиевски. Во Втората лига бевме една година, за пред распадот на поранешната држава повторно да играме со прволигашите. Во првите моменти Хаџиевски не сметаше на мене и тоа ми го кажа уште пред почетокот во првенството. Јас не се налутив, тој беше барем искрен. Но во третото коло против Бор некако не ни одеше, па Хаџиевски барајќи некое решение веројатно верувајќи во моето искуство ме уфрли во игра. Дотогаш резултатот беше 0-0, со моето влегување играта живна, победивме, а јас бев прогласен за играч на натпреварот. Оттогаш до 1993 година бев стандарден во Вардар, а потоа со препорака на Хаџиевски потпишав за Пирин од Благоевград – вели Урошевиќ.

Во Бугарија, Урошевиќ остана четири и пол години. Од нив две и пол години беше во Пирин, а две во Ќустендил.
– Во Пирин, иако имав 34 години, бев најдобар играч. Годините не ми беа пречка за и понатаму рамноправно да се носам со помладите и да давам максимален придонес во играта. Тоа гледачите го забележуваа и така станав нивни миленик. А дека навистина ги освоив нивните симпатии, зборува и податокот што во 1994 година бев прогласен за најдобар спортист на Благоевград. Истата година бев прогласен и за најдобар странски фудбалер во шампионатот на Бугарија. Бев и единствен странец во една комбинирана селекција, која одигра натпревар со сениорската репрезентација на Бугарија, која потоа отпатува на СП во САД – вели тој.

Потоа Урошевиќ по инсистирање на директорот на Пирин, кој стана технико на Ќустендил, ја продолжи кариерата во овој клуб.
– Кога дојдов, екипата беше во Втората лига. Јас веќе имав искуство од настапите на бугарските терени и не ми беше потребно време за адаптација. Веднаш станав прв стрелец на тимот, кој се врати во Првата лига. И тука сите заслуги за успехот мене ми ги припишаа. Јас, пак, навистина се чувствував и натаму како член на Пирин, кога екипата беше испадната во Втората лига дојдов да ѝ помогнам и одиграв три натпревари, на кои постигнав четири гола и тука беше крајот – вели Урошевиќ.

Но вистинскиот крај беше онаму каде што Урошевиќ ја почна кариерата – во Тетекс. Таму во сезоната 1998/99 беше прв стрелец. Потоа се раздели од фудбалот, во кој како играч на Тетекс и на Вардар остави голема трага во македонскиот фудбал, а го паметат и многубројните љубители на фудбалот во пиринскиот крај.