Фудбалската репрезентација на Хрватска направи големо изненадување со пласманот во финалето на Светското првенство (СП) во Русија, особено ако се земат предвид сите предизвици со кои „коцкестите“ се соочија на Мундијалот, како и низ квалификациите за завршниот турнир, пишува англиски „Гардијан“.

Хрватска имаше негатива од 0-1 во сите три дуели од нокаут-фазата на СП, против Данска, Русија и против Англија, потоа одигра продолженија, а во осминафиналето и во четврт-финалето славеше по подобро изведување на пенали.

Згора, се чини дека Хрватите немаа јасен план при изведувањето на ударите од белата точка. Во прилог на таквите тврдења оди и реакцијата на Лука Модриќ пред пенал-серијата против Русија во четврт-финалето, кога хрватскиот капитен го прашуваше голманот Даниел Субашиќ дали тие да шутираат први, па избра да бијат втори (наспроти вообичаената практика), по фрлањето на паричката од судијата. Хрватскиот селектор Златко Далиќ, пак, призна дека немал намера неговите избраници да вежбаат изведување на пенали на тренинзите.

– Претходниот ден шутиравме две серии на пенали, иако не беше моја намера да вежбаме изведување на пенали, бидејќи секогаш очекуваме да решиме се, во 90 минути – откри Далиќ по триумфот над Данска.

Специфична е и ситуацијата во која Хрватска се најде во квалификациите. Селекторот Далиќ беше назначен на 48 часа пред одлучувачкиот меч од групната фаза, против Украина на гости, во кој на „коцкестите“ им беше неопходна победа за да се пласираат во баражот. Тој првпат се сретна со неговите фудбалери на аеродромот во Загреб, пред летот за Киев. Но, тоа не им пречеше на Хрватите за да ја совладаат Украина со 2-0, а потоа да бидат подобри и од Грција во бараж-двомечот (4-1, 0-0), со што изборија учество на СП.

Англичаните уште пред полуфиналниот дуел се прашуваа како е можно земја со четири милиони жители да создаде толку многу квалитетни фудбалери, без да најдат соодветен одговор. Во анализата на британскиот весник се наведува дека Хрватска има добри тренери и талентирани играчи во младинска конкуренција, но не и квалитетни услови за работа, со оглед на состојбата на тамошните младински школи и стадиони.

– Нема долгорочен план, нема формула, нема установен систем. Хрватите се мајстори на импровизацијата. Стратегијата, логиката и редот имаат мала улога во хрватскиот фудбал. Можно ли е снаодливите Хрвати да просперираат во хаосот и во отсуството на организација? – пишува „Гардијан“.

Токму затоа, Англичаните се дополнително изненадени од начинот на кој Хрватска успеа да ги совлада нивните фудбалери, со пресврт 2-1, за да се најде во финалето. Хрватите ќе се борат за трофејот на Мундијалот против Франција, в недела од 17 часот.