Богатата фудбалската кариера, Англичанецот Френк Лампард ја замени со менаџерското одело и само потврди дека фудбалската интелигенција ја префрла и од другата страна на аут-линијата, пренесува „Хиндустан тајмс“.

Во првата сезона на жешкото менаџерско столче во Дерби, со кој загуби во финалето на плејофот во Чемпионшип-дивизијата, тој покажа интерес и желба да работи со млади фудбалери. Под негово водство, играчите како Мејсон Маунт и Фикајо Томори познајмени од Челси, како и Хари Вилсон кој беше позајмен од Ливерпул, покажаа голем напредок и квалитетна игра во долгата и исцрпувачка сезона во второто по ранг фудбалско натпреварување во Англија.

Сега, англиските медиуми силно шпекулираат дека поранешниот херој на „Стамфорд Бриџ“ можно е да се врати на местото каде ги доживеа своите најголеми успеси, за да го замени Маурицио Сари, кој по една сезона во тимот на Роман Абрамович одлучи да се врати во Италија и да го преземе кормилото на Јувентус.

Доколку Френк Лампард стане менаџер на Челси, тој веројатно нема да се соочи со нетрпеливоста од навивачите, со која се соочи Италијанецот Сари за време на неговиот менаџерски мандат. Статусот на икона на „сините“ од Лондон ќе значи дека тој ќе има повеќе време од навивачите, во споредба со неговиот италијански колега.

Од страна на Челси, назначувањето на Лампард би значело напуштање на веќе воспоставената практика на клубот при ангажирање на менаџер. Со преземањето на сопственоста на клубот од страна на рускиот милијардер Роман Абрамович во 2004 година, Челси најчесто привлекуваше два вида на менаџери: најбараните имиња на пазарот со неодамнешен успех како Жозе Мурињо во 2004 година, Андре Вилјаш-Боаш, Антонио Конте и Сари, односно менаџери со огромно искуство како Луиз Фелипе Сколари, Карло Анчелоти и Мурињо во 2013 година.

Потенцијалното назначување на Лампард би значело дека клубот ќе ја напушти постоечката филозофија и ќе се обиде да започне нова ера на клубот.

Менаџерското место на „Стамфорд Бриџ“ отсекогаш било тешко да задржи, особено од доаѓањето на Абрамович. Всушност, Сари со заминувањето во Јувентус е единствениот постојан менаџер кој не бил избркан од рускиот магнат. И покрај тоа, иднината на Италијанецот беше тема на силни шпекулации за време на вториот дел од сезоната.

За Лампард, привлечноста за клубот кој го направи англиска фудбалска легенда се чини дека е неодолива. Но, не само што менаџерската позиција во Челси носи голема неизвесност, исто така во овој момент ќе биде многу тешка за било кој менаџер кој ќе се нафати на предизвикот. Клубот моментално се соочува со забрана за трансфери во следните два преодни рокови, а најдобриот играч Еден Азар го продаде во Реал Мадрид. Како што стојат работите, Челси следната сезона ќе мора да игра со играчите кои минатата година ги имаше позајмено во повеќе клубови во Европа.

– Доколку Лампард го преземе Челси, ќе има неблагодарна ситуација – да ги оствари очекувањата на навивачите со останување во трката за трофејот во Премиер-лигата, без можност да ангажира нови фудбалери – завршуваат од „Хиндустан тајмс“.