Специјалистите за слободни удари и за прекини се релативно ретки во тренерските штабови во клубовите, но постепено се чини дека и тоа се менува. Манчестер јунајтед го ангажира Ерик Рамзи, претходно помошник-тренер на Челси во тимот до 23 години, а Арсенал го доведе Французинот Николас Жовер, кој порано работеше во Манчестер сити

ФУДБАЛ

Манчестер јунајтед и Арсенал се засилија со тренери специјалисти за слободни удари и за прекини со надеж дека ќе ја подобрат ефикасноста, но и за да примаат помалку голови од такви ситуации. Тренирањето на овие елементи потекнува од Данска, но станува сѐ попопуларно. Голот на Микел Дамсгард за Данска, од слободен удар од триесетина метри против Англија, беше оценет како еден од најдобрите на Европското првенство (ЕП) 2020. Пред да биде изведен, централните бекови, Андреас Кристенсен, Симон Кјаер и Јаник Вестергард, највисоките играчи на Данска, направија свој жив ѕид, полево од англискиот. И додека Дамсгард се подготвуваше да бие, неговите соиграчи направија чекор надесно, блокирајќи му го видното поле на Џордан Пикфорд. Тоа беше особено пријатен момент за Мадс Бутгерајт, тренер специјалист за слободни удари и прекини што работеше со Данска на ЕП.
– Начинот на кој момците го сторија тоа, начинот на кој секој играч ја презеде одговорноста за да му помогне на Микел, беше можеби најубавото нешто. Можете да направите план на тренинг и да разговарате за деталите, но играчите се тие што треба да го сторат тоа на теренот, на стадион пред 60.000 луѓе – изјави Бутгерајт за „Скај спорт“.
Специјалистите за слободни удари и за прекини се релативно ретки во тренерските штабови во клубовите, но постепено се чини дека и тоа се менува. Манчестер јунајтед го ангажира Ерик Рамзи, претходно помошник-тренер на Челси за тимот до 23 години, како специјалист за слободни удари, а Арсенал го доведе Французинот Николас Жовер, кој порано работеше во Манчестер сити, како замена за Швеѓанецот, Андреас Георгсон. Менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјаер, го опиша Рамзи како „иновативен“ тренер со „нови идеи“.

Жовер му помогна на Пеп Гвардиола слободните удари и прекините од слабост да ги претвори во предност. Тој сега му се приклучува на тимот што лани во Премиер-лигата прими најмалку голови од слободни удари и од прекини, делумно благодарение на работата на Георгсон, кој се врати во Малме. Но ефикасноста на другиот крај од теренот останува проблем за „топџиите“, кои постигнаа само шест гола по прекините.
Заедничко за тренерите специјалисти за слободни удари и прекини, од Италијанецот Џани Вио, Жовер, Георгсон и Бутгерајт, е дека тие во одреден момент работеле под „капата“ на газдата на новиот премиерлигаш, Брентфорд и на Митјиланд, Метју Бенам, чиј аналитички, статистички пристап во водењето на тие клубови вклучува и вакви специјалисти. Бенам од Лига 1 го внесе Брентфорд во Премиер-лигата, а со Митјиланд стигна до првата титула во Данска во 2015-та. Тогаш Митјиланд постигна 25 гола од прекини на 33 меча. Има клубови, иако малку, кои се ефикасни од прекините и без тренери специјалисти. Вест хем лани постигна најмногу погодоци во Премиер-лигата по прекините, 16, а прими само седум, благодарение на работата на помошник-тренерите, Пол Невин и Кевин Нолан.

Работата на Невин и на Нолан, и онаа на специјализираните тренери, се фокусира на одбраната, исто колку и на нападот.
– Ако постигнувате многу голови од прекини, но и примате многу, тогаш тоа за мене е губење време. Со Данска на ЕП, на пример, постигнавме два гола од прекини, а не примивме ниту еден. Тоа е основата. Не е најбитен еден начин на одбрана. Тоа зависи од играчите и од тоа што најмногу им одговара – вели Бутгерајт.
Тој го припишува намалувањето на бројот на погодоци од прекини делумно на подобрите голмани, но позначајно, и на недостигот од врвни изведувачи.
– Ако одам во нов клуб, сигурно ќе се обидам да ја научам техниката за изведување слободни удари со т.н. топ-спин, кога топката оди нагоре и потоа повторно се спушта. Тогаш ќе има помалку топки што завршуваат во живиот ѕид или преку голот. Тоа е тешка техника за учење и можеби затоа нема многу играчи што можат да го направат тоа – објаснува Бутгерајт.


Финалето на ЛШ во 2012 година како инспирација

Фасцинацијата на Мадс Бутгерајт, тренер специјалист за слободни удари и прекини, кој работеше со Данска на Европското првенство со слободните удари и прекините, е одамна, а е инспириран делумно и од финалето на Лигата на шампионите во 2012 година, кога Баерн не успеа да постигне гол од 20-те корнери, а Дидие Дрогба израмни по единствениот корнер за Челси. Методите на Бутгерајт во Митјиланд набргу беа копирани од други дански тимови, но тој и неговите колеги продолжија да смислуваат нови начини да ги искористат слабостите на противниците од слободни удари, корнери, па дури и аути.
– Секогаш треба да бидете чекор понапред. Противниците ќе очекуваат една работа, а потоа вие ќе ги изненадите со нешто друго, помоќно. Потребни се флексибилност, отворен ум и макотрпно работење на деталите – вели тој.