Во Мадрид, на стадионот „Сантијаго Бернабе“, утревечер (20.30 часот) треба да се одигра реваншот во т.н. суперкласико или, како што го нарекоа некои, меч на векот помеѓу аргентинските ривали од Буенос Аирес, Бока јуниорс и Ривер плата, во финалето на Копа либертадорес, клупското првенство на Јужна Америка.

Вториот натпревар (првиот се одигра на 11 ноември на стадионот „Бонбониера“ на Бока, заврши без победник, 2-2), наместо на стадионот „Монументал“ на Ривер, преместен е на стадионот на европскиот првак, оддалечен 9.000 км од главниот град на Аргентина. До промената дојде откако автобусот со играчите на Бока беше нападнат од навивачи на Ривер на пат кон стадионот, при што беа повредени и некои фудбалери. Тоа беше причината за одложување на мечот, потоа следуваше барањето нов стадион и град-домаќин на реваншот, подалеку од Буенос Аирес и од Аргентина.

Првпат во историјата на ова натпреварување, кое почна во 1960 година (победи Пењарол), финалето се игра надвор од Ј. Америка, што е своевиден преседан. Во Буенос Аирес и во Аргентина не се воодушевени поради промената на локацијата на вториот меч од повеќе причини, но се чини дека е најдено најоптималното решение во моментов. Десетици илјади навивачи на Бока и на Ривер ги испратија своите миленици, кои веќе се во Мадрид. Денеска и утре се очекува да пристигнат и десетина илјади навивачи на двата клуба, поради што шпанските власти преземаат специјални безбедносни мерки со ангажирање на над 2.500 полицајци, слично како пред елкласико-дуелите, Реал – Барселона.

Јужноамериканската конфедерација (КОНМЕБОЛ) обезбеди по 25.000 влезници за двата клуба, од кои само по 5.000 за навивачите на двата тима се продаваа во Аргентина, а остатокот преку интернет-страницата на Конфедерацијата. Простанатите 22.000 влезници се наменети за спонзорите и за неутралните љубители на фудбалот.
Ривалството помеѓу Бока и Ривер се смета за едно од најинтензивните во светот на спортот воопшто. Целата и онака вжештена атмосфера се подгреа и поради фактот дека двата клуба првпат играат меѓу себе во финалето на Копа либертадорес. Ривер игра за четвртата титула. А Бока има шест, една помалку од рекордните седум на Индепендиенте, исто така клуб од Буенос Аирес.