Менаџерот на Манчестер Јунајтед Жозе Мурињо е фаворит на обложувачниците за првиот отпуштен менаџер во англиската фудбалска Премиер-лига. Коефициентите за Португалецот опаднаа нагло по серијата интервјуа во кои тој отворено го критикуваше раководството на „црвените ѓаволи“ и недостатокот на каква и да е активност на трансфер-пазарот.

Голем број светски букмејкерски куќи веќе примаат облози за разрешување на Мурињо при коефициент 5/1, што е најнискиот можен коефициент пред почетокот на сезоната во Премиер-лигата.

Втор на листата е Марк Хјуз (Саутемптон), а по него следат имиња како Клод Пуел (Лестер), Рој Хоџсон (Кристал палас), Хави Гарсија (Ватфорд), Рафаел Бенитез (Њукасл), Крис Хјутон (Брајтон) и Нил Ворнок (Кардиф).