На Кристијан Ериксен ќе му биде вграден апарат, т.н. „срцев стартер“, по колабирањето и преживеаниот срцев удар на мечот Данска – Финска во саботата во Копенхаген, на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020, потврди лекарот на репрезентацијата на Данска, Мартин Босен, пишува „Скај спорт“. Данската фудбалска асоцијација (ДБУ) објави дека на Ериксен (29) му биле направени повеќе тестови во болницата и оти ќе му биде имплантиран кардиовертер дефибрилатор (ИКД).

Состојбата на Ериксен се стабилизира последниве денови, но тестовите продолжуваат за да се утврди дали има некои абнормалности што би правеле проблеми.
– Кристијан помина низ различни прегледи на срцето и, според советите на меѓународни стручњаци, одлучено е дека треба да му се вгради ИДЦ или „срцев стартер“. Тој уред е неопходен по срцевиот удар и нарушувањата на ритамот. Кристијан го прифати тоа решение зад кое стојат специјалисти на национално и на интернационално ниво, кои го препорачуваат истиот третман – пишува во соопштението на ДБУ.