Ждрепката е полудиригирана, повеќе од две земји-домаќини нема да бидат во иста група, а има и други ограничувања и услови, па по сѐ, ако Македонија се пласира на ЕП 2020, ќе игра во групата Ц (во неа сигурни се Украина и Холандија) или во Ф (засега таму е Германија)

Во Букурешт, Романија, попладнево (од 18 часот) ќе се влече ждрепката за составот на групите на Европското првенство (ЕП) во 2020 година во фудбал. Во ждрепката ќе бидат вклучени 20 репрезентации што ги освоија првите две места во 10-те квалификациски групи и евентуалните победници во четирите плејофа на Лигата на нациите (се игра во март 2020 година).

Ждрепката ќе биде полудиригирана, со неколку ограничувања. Познато е и во која група на ЕП би играла Македонија, се разбира, доколку успешно го помине плејофот во лига Д од Лигата на нациите во март следната година и ги совлада Косово, а потоа и подобриот од мечот Грузија – Белорусија.

Првата варијанта е (доколку Романија се квалификува од плејофот на лига А) играње во групата Ф (во Минхен и во Будимпешта), со Германија од првиот барабан, потоа Франција, Полска, Швајцарија или Хрватска од вториот, како и Португалија, Турција, Австрија, Шведска или Чешка од третиот барабан.

Втората варијанта е (ако во плејофот на лига А победат Исланд, Бугарија или Унгарија) настап во групата Ц (во Амстердам и во Букурешт), со Украина од првиот барабан, Холандија од вториот и Португалија, Турција, Австрија, Шведска или Чешка од третиот барабан.

За разлика од минатите ЕП, сега домаќините не се квалификуваа автоматски на завршниот турнир, кој следната година, по повод 60-годишнината од првото ЕП во 1960 година, првпат ќе се игра во 12 града и во 12 земји, од 12 јуни до 12 јули 2020 година.

Репрезентациите, 24, ќе бидат поделени во шест групи, со по четири селекции. Земјите-домаќини што веќе се квалификуваа за завршниот турнир (или тоа би можеле да го сторат преку плејофот) ќе бидат распоредени во соодветни групи за да се осигури дека дома ќе одиграат најмалку по два меча во групната фаза.

Шампионатот ќе почне во Рим, на 12 јуни, а во групната фаза ќе се играат по четири натпревари дневно, до 24 јуни. Првопласираните две селекции од шесте групи, како и четирите третопласирани со најдобар скор, ќе се квалификуваат за осминафиналето, кое ќе почне на 27 јуни. Секој од 12-те града ќе биде домаќин на по еден меч во осминафиналето, односно во четврт-финалето. Стадионот „Вембли“ во Лондон ќе биде домаќин на двете полуфиналиња и на финалето, на 12 јули. 


Градови-домаќини и стадиони
Амстердам (Холандија) „Јохан Кројф“
Баку (Азербејџан) „Олимписки“
Билбао (Шпанија) „Сан Мамеш“
Букурешт (Романија) „Национална арена“
Будимпешта (Унгарија) „Ференц Пушкаш“
Глазгов (Шкотска) „Хемпден парк“
Даблин (Р. Ирска) „Авива“
Копенхаген (Данска) „Паркен“
Лондон (Англија) „Вембли“
Минхен (Германија) „Алијанц“
Рим (Италија) „Олимпико“
Санкт Петербург (Русија) „Крестовски“


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ ПРЕД ЖДРЕПКАТА
ГРУПА А
Италија
Франција, Полска, Швајцарија или Хрватска
Португалија, Турција, Австрија, Шведска или Чешка
Финска или Велс
мечевите се играат во
Рим и во Баку

ГРУПА Б
Белгија
Русија
Данска
Финска или Велс
мечевите се играат во
Санкт Петербург и во Копенхаген

ГРУПА Ц
Украина
Холандија
Португалија, Турција, Австрија, Шведска или Чешка
Плејоф лига А или лига Д
мечевите се играат во
Амстердам и во Букурешт

ГРУПА Д
Англија
Франција, Полска, Швајцарија или Хрватска
Португалија, Турција, Австрија, Шведска или Чешка
Плејоф, лига Ц
мечевите се играат во
Лондон и во Глазгов

ГРУПА Е
Шпанија
Франција, Полска, Швајцарија или Хрватска
Португалија, Турција, Австрија, Шведска или Чешка
Плејоф, лига Б
мечевите се играат во
Билбао и во Даблин

ГРУПА Ф
Германија
Франција, Полска, Швајцарија или Хрватска
Португалија, Турција, Австрија, Шведска или Чешка
Плејоф, лига А или лига Д
мечевите се играат во
Минхен и во Будимпешта


ПЛЕЈОФ, ЛИГА НА НАЦИИ
Лига А: Бугарија – Унгарија, Исланд – Романија
Лига Б: БиХ – С. Ирска, Словачка – Р. Ирска
Лига Ц: Норвешка – Србија, Шкотска – Израел
Лига Д: Грузија – Белорусија, Македонија – Косово
финалињата ќе се играат кај победникот од првата двојка во секоја лига


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

ПРВ
Белгија
Италија
Англија
Германија
Шпанија
Украина
ВТОР
Франција
Полска
Швајцарија
Хрватска
Холандија
Русија
ТРЕТ
Португалија
Турција
Данска
Австрија
Шведска
Чешка
ЧЕТВРТИ
Велс
Финска
Плејоф лига А
Плејоф лига Б
Плејоф лига Ц
Плејоф лига Д