Досега во петте лиги заедничкиот именител е младоста, а вкупната трансфер-сума платена за нив е 383 милиони евра. Најмладиот од петте е и најскап од сите, Феликс (19), а клубови летово сменија и Родри (23), Де Лихт (19), Ернандез (23), Ндомбеле (22), Ван Бисака (21), Диало (23)…

Со шпекулациите за евентуалните трансфери на Бразилецот Нејмар, Велшанецот Герет Бејл и на Французинот Пол Погба се чини дека се приближуваме до врвот на летниот преоден рок годинава во петте најсилни фудбалски првенства во Европа (Шпанија, Франција, Англија, Германија и Италија). Досега во петте лиги заеднички именител е младоста. Просечната возраст на фудбалерите за кои се забележани најскапите трансфери е 21,5 година, а вкупната трансфер-сума е 383 милиони евра.

Најмладиот од петте е и најскап од сите, Жоао Феликс, со 19 години и 8 месеци, кој пристигна во Атлетико Мадрид од Бенфика за 127 милиони, и засега е најскапиот трансфер, пишува шпанскиот дневен весник „Марка“. Феликс е совршен пример за трендот на пазарот летово. Трансферот е скап, ја оправдува цената, не само поради моментните перформанси туку и за перформансите што може да ги развие. Клубовите живеат во ера во која не сакаат да го пропуштат „следниот Лионел Меси“ или „следниот Кристијано Роналдо“. Тие се обидуваат да го искористат потенцијалот, а Феликс е несомнено еден од нив.

И Англија продолжува со истиот тренд. Најскапиот потпис е тој на Манчестер сити со Родри од Атлетико, со кој го засили средниот ред. Тој има само 23 години и со договорот клубот ја обезбедува позицијата за следните шест години, а Пеп Гвардиола исплати 70 милиони евра, што, според „Марка“, го прави Родри третиот најскап шпански фудбалер во историјата. Покрај тоа, според трендот, Тангуј Ндомбеле и Арон ван Бисака, вториот и третиот најскап трансфер сезонава во Англија, имаат 22, односно 21 година.

Најскапите трансфери во Италија, исто така, го исполнуваат трендот. Матијас де Лихт потпиша за Јувентус за 75 милиони евра, со само 19 години и 11 месеци. Холанѓанецот пристигнува по две фантастични сезони во Ајакс, но неговата висока цена главно се должи на неговата младост.

Во Франција, Пари Сен Жермен го донесе најскапиот играч во овој преоден рок досега во Франција, 23-годишниот Абду Диало, централниот бек од Борусија Дортмунд, кого го сметаат за наследник на Тиаго Силва.

Во Германија, Баерн прави реконструкција на тимот по неуспехот во Лигата на шампионите и заминувањата на Франк Рибери и на Арјен Робен. Тие веќе направија сериозен потег за подобрување на одбраната, ангажирајќи го Лукас Ернандез, повторно само со 23 години. Неговите игри последниве две сезони, згора потенцијалот, се причините поради кои баварскиот клуб одлучи да плати 80 милиони евра, во моментов најскапиот трансфер во Бундес-лигата, пишува „Марка“.