Фото: Игор Бансколиев

Според резултатите од анкетата на „Нова Македонија“ пред денешната ждрепка

Љубителите на фудбалот би сакале македонската репрезентација да го добие Велс за противник во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство (СП) во Катар в година, судејќи според мислењето на најголемиот дел од испитаниците кои одговорија на еднодневната анкета на „Нова Македонија“.

Ривалот на „црвено-жолтите“ во полуфиналето ќе биде познат по денешната ждрепка што ќе се влече во Цирих од 17 часот, а можни противници, покрај Велс, се Италија, Португалија, Шведска, Русија и Шкотска. Во групата неносители, покрај Македонија, се и Полска, Турција, Украина, Чешка и Австрија.

Велс доби 117 гласа од вкупно 300 одговори на прашањето „против кого би сакале Македонија да игра во баражот за пласман на СП 2022?“. Веднаш зад „змејовите“ е уште една островска селекција, Шкотска, за која се изјаснија вкупно 112 учесници во анкетата. Најмалку посакувани противници се актуелниот европски првак Италија со 24 гласа и Русија со 31, додека потоа следуваат Португалија со 32 и Шведска со 40.

Оние кои ја образложија нивната одлука, најчесто велат дека Велс е „најслабата репрезентација“ или „помалку квалитетен“ од преостанатите можни ривали, како и „за да поминеме понатаму“, а некои сметаат дека Македонија би можела да слави на пенали. Слични се коментарите и за Шкотска, додека многумина се воделе и според тоа чиј стил на игра најмногу би им одговарал на избраниците на Благоја Милевски.

Најголемите оптимисти не „бегаат“ ниту од дуелите со последните два европски прваци Италија и Португалија, напротив, дури и посакуваат Македонија да се надигрува со нив.

„Италија е противник по мерка“, „затоа што сакам да се надигруваме, ни лежи тој стил“, „ако се гине, нека се гине со европскиот шампион“, „паднати се во форма и фудбалот што го играат ни одговара“, гласат дел од одговорите кои се однесуваат на „аѕурите“.

Желба на повеќемина навивачи на националната селекција е да го видат Кристијано Роналдо како плаче против Македонија во баражот, како што велат во нивните коментари.

„Дајте ни ги Португалците да си играме“, „за да плаче Роналдо“, „перфектен натпревар“, „послаби се од сите и од нас“, „балканскиот фудбал не им одговара“, „како Србија што ги изненади, да ги изненадиме“, „да помине Португалија исто како со Србија (Португалците загубија од Србија со 1-2 во решавачкиот меч од квалификациите во Лисабон – н.з.), сметаат дел од испитаниците за евентуалниот дуел со Португалија.

Неколкумина посакуваат Македонија да се сретне со Шведска и да ја елиминира, поради шведскиот репрезентативец со македонско потекло Дејан Кулушевски, кој е едно од најзвучните имиња кај скандинавската селекција, заедно со Златан Ибрахимовиќ. Фудбалерот на италијански Јувентус, Кулушевски, е роден во Шведска, но неговото потекло е од охридскиот крај. Тој има настапи за македонската селекција до 16 години, но одлучи да ја претставува Шведска во сениорска конкуренција.

– За да му биде жал на Кулушевски зошто не дојде со нас да игра на светското – вели еден од испитанците.

Дејан Кулушевски/Фото: Фудбалска асоцијација на Шведска

Интересно е што одреден навивач не избра ниту еден од можните ривали, бидејќи е убеден дека најдобрите македонски фудбалери можат да играат со секој од нив, односно дека ќе одат на победа без разлика со кој противник ќе се соочат.

Полуфиналињата ќе се играат на 24 март в година и во нив ќе гостуваат неносителите, меѓу кои е и Македонија. Трите финалиња се предвидени за 29 март в година, а домаќините на тие натпревари ќе бидат одредени со ждрепка. Победниците на финалните мечеви ќе изборат учество на СП 2022. М.Ж.