Најголема километража во првите три кола на СП 2018 ќе направат нигериските фудбалери, најголемо растојание за заминување на еден меч ќе поминат Швеѓаните, а Колумбијците дури не ќе мораат ниту да патуваат со авион на своите мечеви во првите три кола

Репрезентациите-учеснички на фудбалското Светско првенство (СП) во Русија голем дел од својот престој ќе го поминат во патување. Русија е најголемата држава во светот, па ќе има долги патувања пред претстојните натпревари. Оддалеченоста помеѓу Екатеринбург, најисточниот мундијалски град, и Калининград, најзападниот на картата на СП, е 2.500 км воздушна линија, што значи дека ги делат три временски зони.
Најголема километража на ова СП ќе направат нигериските фудбалери. Тие последниот натпревар во својата група ќе го играат против Аргентина во Санкт Петербург, кој од градот Есентуки е оддалечен со воздушна линија 1.958 км, а со враќањето во базата ќе патуваат вкупно 3.916 км, што секако не е малку што се однесува до зачувување на свежината.
Слична маршрута ќе направат и фудбалерите на Египет. Популарните „фараони“ ќе прелетаат само 46 км помалку од фудбалерите на нигериската селекција, чиј прекар е Суперорли. За база тие го одбрале градот Грозни, а за дуелите против Уругвај во Екатеринбург, Русија во Санкт Петербург и против Саудиска Арабија во Волгоград, вкупно (заедно со враќањето во својата база), ќе поминат 8.928 км.
Најдобар избор на своја база, што се однесува до патувањата, направиле Колумбијците. За целата групна фаза тие ќе патуваат 1.436 км помалку отколку, на пример, Нигерија или Египет, само на еден натпревар. Колумбијците ќе бидат сместени во Веркнесловск, оддалечен 127 км од Казањ, каде што ќе го играат мечот од второто коло против Полска. Ќе играат и во Саранск против Јапонија и во Самара против Сенегал. Времето ќе покаже дали краткото патување ќе им помогне на Колумбијците да ја поминат првата фаза. Јужноамериканците дури нема да мораат ни да влегуваат во авион, туку на натпреварите каде што ќе играат ќе патуваат со автобус.
Најголемо растојание за заминување на натпревар ќе поминат Швеѓаните. Скандинавците мечот од третото коло против Мексико ќе го играат во Екатеринбург, оддалечен 2.078 км од нивниот камп во Геленџик. Фудбалерите на Египет од кампот во Грозни, па до Санкт Петербург, каде што ќе го играат мечот од второто коло против Русија, ќе прелетаат 2.021 км.
На листата на најдолги патувања се наоѓа и репрезентацијата на Србија. Така, тие од Калининград до Самара, каде што во првото коло ќе се сретнат со Костарика, ќе прелетаат 1.941 км.