Ливерпул му гостува на Атлетико, на стадионот „Метрополитано“, каде што лани ја освои шестата титула првак на Европа. Дуелот Борусија – ПСЖ некои го оквалификуваа како „натпревар на колото“, а идната недела се играат уште неколку интересни дуели, како Челси – Баерн, Наполи – Барселона, Реал Мадрид – Манчестер сити…

По двомесечната пауза и завршувањето на мечевите по групи, со првите мечеви денеска во осминафиналната нокаут-фаза продолжуваат возбудувањата во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Во групната фаза во ЛШ беа постигнати рекордни 308 гола и сите посакуваат на продолжи таквиот тренд.
Бранителот на титулата, Ливерпул, му гостува на Атлетико, на стадионот „Метрополитано“, каде што лани, на 1 јуни, го совлада Тотенхем (2-0) и ја освои шестата титула првак на Европа. „Црвените“, кои играат во голема форма сезонава во Премиер-лигата, се фаворити во овој двомеч, па и за пласман во третото последователно финале во ЛШ. Историјата и статистиката укажуваат дека Ливерпул има големи шанси за натамошен прогрес поради тоа што победиле на шест од претходните седум осминафинални дуели во ЛШ.

Но и тимот предводен од Диего Симеоне, чие мото е „никогаш нема предавање“, помогнат и од бучната публика на трибините, не е без шанси. Најголемиот квалитет на Атлетико, кој доби само еден од последните седум меча во сите конкуренции, би требало да биде цврстата и организирана одбрана, на чело со Јан Облак, еден од најдобрите светски голмани. Но сезонава таа одбрана не е на нивото од претходните сезони главно поради заминувањето на повеќето играчи од „старата гарда“, како Диего Годин, Хуанфран, Лукас Ернандез, Родри, Фелипе Луис… Контранападот, исто така, едно од главните обележја на Атлетико, не е убиствен по заминувањето на Антоан Гризман и лошата форма на Диего Коста, кој, како и Жоао Феликс, нема да игра поради повреда.
Дуелот Борусија Дортмунд – ПСЖ некои го оквалификуваа како „натпревар на колото“! Дали конечно ова ќе биде година на францускиот тим? ПСЖ ја освои титулата во Франција во шест од последните седум сезони и, како што се очекуваше, повторно е на врвот на табелата, со 12 бода предност. Кај ПСЖ, бразилскиот репрезентативец Нејмар го мачи повредата на реброто, но таму се и Килијан Мбапе, Мауро Икарди и Анхел Ди Марија.

Германците очекуваат голови од Ерлинг Холанд, кој постигна осум гола на пет натпревари во ЛШ за Салцбург и ѝ се придружи на Борусија во јануари, како и од Џејдон Санчо, кој сезонава стана првиот играч до 20 години што постигна 25 гола во Бундес-лигата. Избраниците на Лусиен Фавр беа на врвот на табелата во Бундес-лигата, но сега заостануваат четири бода откако претрпеа два пораза на последните пет натпревари.
Од мечевите неделава, утре се и дуелите Аталанта – Валенсија и Тотенхем – Лајпциг, а идната недела се играат уште неколку интересни дуели, бидејќи Челси игра со Баерн (реприза на финалето од 2012 година), Наполи на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас се среќава со Барселона, Реал Мадрид игра со Манчестер сити, а Лион го пречекува Јувентус. 


ОСМИНАФИНАЛЕ
ВЕЧЕРВА
Атлетико – Ливерпул 21 ч.
Борусија Д. – ПСЖ 21 ч.
УТРЕ
Аталанта – Валенсија 21 ч.
Тотенхем – Лајпциг 21 ч.
25 ФЕВРУАРИ
Челси – Баерн 21 ч.
Наполи – Барселона 21 ч.
26 ФЕВРУАРИ
Реал – Манчестер с. 21 ч.
Лион – Јувентус 21 ч.
реваншите се од 11 до 18 март