Шпанија забележа убедлива победа над Германија, со 6-0, и се пласира на фајналфор-турнирот во Лигата на нациите

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ

Шпанија ѝ го нанесе најтешкиот пораз на Германија на официјален фудбалски натпревар, победувајќи ја со 6-0 во Севилја, во групата 4 во лигата А, по што пласира на фајналфор-турнирот во втората сезона на Лигата на нациите (ЛН), каде што до вчера беше пласирана и Франција, а другите два учесника се бараа меѓу Италија, Холандија и Полска од групата А и Белгија и Данска од групата Б. Турнирот треба да се игра во октомври в година.
Репрезентацијата на Шпанија загуби само еден од последните 19 натпревари (победи на 12), ги доби последните девет на домашен терен, притоа примајќи само еден гол. Шпанија постигнуваше гол на 46 од последните 48 натпревари, а на 13 од последните 16 официјални средби дома постигнуваше по три и повеќе голови.
Германците, тогаш како Западна Германија, последниот пораз со пет гола разлика на официјален меч го претрпеа од Унгарија, 3-8, во групната фаза од натпреварите на Светското првенство во 1954 година во Швајцарија. Но реваншот следуваше во финалето, во кое Западна Германија ја победи Унгарија со 3-2.

Во пријателски натпревар, Германија загуби од Австрија со идентични 0-6, во 1931 година, објави Агенцијата „Асошиејтед прес“.
– Ова е дефинитивно еден од најлошите порази во мојата кариера. Многу боли – изјави играчот за врска на Германија и на Реал, Тони Крос.
Голманот на Германија, Мануел Ноер (34), по 96-ти, рекорден пат беше на голот, со што го надмина славниот претходник Сеп Маер, кој рекордот од 95 меча го забележа во 1979 година.
Капитенот на Шпанија, Серхио Рамос, го подобри рекордот со настапот на 178-от натпревар, но поради повреда на мускулот мораше да ја напушти играта во првото полувреме. Младиот Феран Торес (20), напаѓач на Манчестер сити, го постигна првиот хет-трик во кариерата, кој е прв за фудбалер на Шпанија со таков ефект на меч против Германија.