ВУЈАДИН СТАНОЈКОВИЌ (2)

По одличните игри во дресот на Вардар и на Партизан, Станојковиќ стана олимписки и сениорски репрезентативец. Преку Милјан Милјаниќ, средба и со славните Ди Стефано и Хуанито, кои сакаа да го видат во кралскиот клуб. Заминувањето во Шведска беше само утеха за претходно испуштените трансфери

Кариерата на еден од најдобрите македонски фудбалски интернационалци, Вујадин Станојковиќ, имаше чуден и непредвидлив тек. Откако ги демонстрира своите врвни квалитети настапувајќи за Вардар и за Партизан, на Станојковиќ му се отвори вратата и во југословенската репрезентација. Интересно е како го доживеа моментот кога го доби првиот повик за настап во сениорската репрезентација на Југославија.

– Се случи тоа пролетта во 1988 година. Пред еден тренинг во соблекувалната дојде курирот на Вардар и ми донесе еден плик со некаква депеша. Јас, бидејќи морав да почнам со тренингот, не ни отворив да видам што пишува. Дури по тренингот си реков ајде да видам што има во пликот. Кога почнав да ја читам телеграмата (тогаш на таков начин се испраќаа информациите од куќата на фудбалот – ФСЈ), не можев да поверувам. Во неа пишуваше дека на тој и тој датум треба да допатувам во Сплит и да ѝ се приклучам на репрезентацијата на Југославија за мечот со Италија. Бев изненаден и си помислив да не сум прочитал нешто погрешно, па повторно почнав да го читам текстот. Но немаше ништо погрешно, тоа беше тоа! Веднаш потоа, така сѐ уште збунет, заминав за Речица, за да му ја покажам телеграмата на татко ми Станое.

Иако видно изненаден, исто како мене, и тој беше среќен. Си помислив, од толку фудбалери во Југославија мене ме одбрале да играм за репрезентацијата! Инаку, да бидам искрен, во тие години, иако играв на едно високо ниво, не помислував дека некој ќе се сети на мене и да ме повика во најсилниот југословенски тим. Но, ете, се случи и тоа – се сеќава Станојковиќ.

На определениот датум Станојковиќ отпатува во Сплит, а два дена подоцна го облече синиот дрес со број два. Заигра во првата постава на националниот тим. Средбата со Италија се одигра на преполниот стадион „Пољуд“, а меѓу другите, во југословенскиот состав беа веќе прекалените репрезентативци Стојковиќ, Савичевиќ, Златко Вујовиќ, Катанец. Најзвучни имиња кај „азурите“ беа Ѕенга, Баџо и Виали.

– Мечот заврши 1-1. Сите бевме задоволни, а особено јас, зашто, според зборовите на селекторот Ивица Осим, како дебитант максимално сум ги извршил поставените задачи. Потоа доаѓаа и нови повици и, полека но сигурно, преку квалификациските натпревари го обезбедував местото во тимот за Светското првенство во Италија во 1990 година – се сеќава на тие радосни мигови Станојковиќ.

ВО ОЛИМПИСКИОТ ТИМ ЗА СЕУЛ ВО 1988 ГОДИНА

Вратата во репрезентацијата беше ширум отворена, па, така, заедно со Панчев, беа нашите репрезенти во „синиот“ табор. Станојковиќ, пак, доби уште една шанса. Тој се најде и во олимпискиот тим, кој не беше најсилниот југословенски состав, но, сепак, беше една солидна композиција составена од прволигашки фудбалери. Во тој период и најголемите фудбалски нации на олимпијадите испраќаа само по двајца-тројца фудбалери од сениорската репрезентација, преостанатите беа квалитетни но не толку афирмирани играчи. Дури многу подоцна и оние најсилните на олимпијадите доаѓаа со своите најголеми асови, па така, на пример, на ЛОИ во Пекинг во 2008 година за Аргентина, која го освои „златото“, играше и Меси, а за Бразил, кој беше трет, настапи Роналдо. Се разбира, во поставите беа и другите најквалитетни фудбалери со кои располагаа двете земји.

– Бев среќен што станав олимпиец, но на крајот од настапот во Јужна Кореја останав разочаран. Одигравме под нашите можности, потфрливме и не се пласиравме за втората рунда. Ги одигравме само трите натпревари во групата, каде што прво загубивме од Бразил со 1-2, а потоа ремизиравме со Нигерија. Решавачки беше мечот со Австралија, во кој ни требаше само победа, но одигравме нерешено 1-1, па, така, испаднавме и не се пласиравме во вториот круг од олимпискиот турнир – вели Станојковиќ.
По овој неуспех на ЛОИ од тој состав само малкумина, меѓу кои беше и Станојковиќ, беа повикувани во сениорската репрезентација на поранешната држава.

КРУНА НА КАРИЕРАТА – НАСТАП НА СП ВО ИТАЛИЈА

Борбеноста и настојчивоста беа двете особини што го красеа Станојковиќ. Тој не знаеше за умор, постојано го даваше својот максимум. Кога на ова ќе се додаде и фудбалското знаење, тогаш јасно беше зошто тренерите имаа толку голема доверба во него.
– Особено бев почитуван од Ивица Осим, кој постојано ме имаше на списокот на репрезентативците. И не само тоа, тој неколку месеци пред Светското првенство во Италија ми рече дека сигурно смета на мене, затоа да бидам подготвен и да настојувам да ја одржам формата. Навистина беше така, она што ми го рече, тоа и го стори. Многу веруваше во мене и бев меѓу првите на неговиот список за Италија. Меѓутоа, она што пријатно ме изненади се случи токму на Светското првенство, на кое настапувавме во Болоња, а потоа и во Верона. Имено, пред мечот со Шпанија ме повика и ми рече дека само јас и тој ќе бидеме присутни на прес-конференцијата. Не можев да поверувам дека, покрај Пикси и другите, и тоа токму пред мечот со Шпанија, јас ќе бидам оној што ќе одговара на прашањата на новинарите. Не знам, ама ми се чини дека никогаш не сум видел толку микрофони на едно место. Бев некако возбуден, но немаше бегање. Издржав некако, но морам да признаам дека и ми годеше што, ете, јас бев тој што во името на фудбалерите ќе одговара на прашањата на повеќето од стотина наши и шпански новинари. Тоа помина, а добро помина и мечот во кој триумфиравме и се пласиравме во четврт-финалето, во кое по пенал-рулетот бевме елиминирани од Аргентина. За мене настапот на Светското првенство ќе остане круна на мојата кариера. Италија вечно ќе биде во моите спомени – вели Станојковиќ.

ИСПУШТЕНИ ПОВЕЌЕ ТРАНСФЕРИ

Со оглед на тоа што го носеше и репрезентативниот дрес и настапи на Олимпијадата во Сеул и на СП во Италија, Станојковиќ беше интересен за многу странски клубови.
– Најголемо изненадување доживеав во Италија за време на Светското првенство. Едно попладне додека се одморавме ми се јави Милјан Милјаниќ и ми рече да се симнам во фоајето од хотелот. Бев изненаден, од каде „чича“ мене да ме бара. Кога отидов долу, гледам до него покрај масата седат уште двајца, еден од нив проќелав и многу познат. Тоа не беше никој друг, туку лично славниот Ди Стефано, а до него, исто така, славниот играч на Реал и на шпанската репрезентација Хуанито, кој тогаш беше помошен тренер во кралскиот клуб. Беа заинтересирани за мене, но не знам како и зошто, дали во прашање беше обесштетувањето што го бараше Партизан или, пак, нешто друго – до тој трансфер не дојде. Исто така пропадна, не знам зошто, и трансферот со Парк Сити. Иако во Лондон бевме седум дена со генералниот секретар Зечевиќ, а одлично одиграв и две контролни средби и овде не дојде до конечен договор. Инаку, веднаш по СП имав понуда и од Јужна Кореја, можеби повисока и од понудите на претходните клубови што ги споменав, но од семејни причини јас бев тој што одлучив да не отпатувам во оваа азиска земја – рече тој.
И така, по сите тие драматични моменти и преговори, веројатно малку да се смири од силните „потреси“ и сумите што му се вртеа во главата, Вујадин Станојковиќ заминува во Дегерфорш во Шведска. Таму тој беше стандарден, заедно со уште двајца фудбалери од нашиве простори – Радиновиќ и Вучковиќ.

– Во Шведска ми беше убаво. Бев ценет и почитуван, а откако почувствував дека доаѓа крајот на кариерата, неа ја завршив во Трелеборг. Интересно е дека тука порано го раскинав договорот, бидејќи ми се јавија од Вардар да дојдам во Скопје, за да правиме голем тим. Јас дојдов, бев готов да се вложам целиот во тој проект за силен Вардар, но од тоа, освен ветувањата, не остана ништо – рече Станојковиќ.
Инаку, за да не остане само со настапите за селекциите на поранешната држава, Станојковиќ беше меѓу првите што го облече дресот на македонскиот национален тим, по осамостојувањето на нашата држава. Тој за неа одигра седум натпревари.
Така течеше кариерата на еден од најдобрите македонски фудбалери Вујадин Станојковиќ-Вујо, кој, и покрај испуштените шанси да настапи и за поголеми клубови, меѓу кои и Реал од Мадрид, е задоволен од својот фудбалски живот. Сега останува богатото искуство да им го пренесува на младите фудбалери, кои тежнеат да зачекорат по неговите стапки.