Ждрепката е полудиригирана што значи дека, на пример, бранителот на титулата во ЛШ, Баерн, може да игра со Барселона, Аталанта, Лацио, Порто или со Севилја. Најмалку можни противници има најтрофејниот, Реал Мадрид (Аталанта, Лацио, Лајпциг или Порто)

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ И ЛИГА ЕВРОПА

Денеска напладне во Нион, Швајцарија, во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА), треба да се одржи ждрепката за осминафиналните двојки за Лигата на шампоните (ЛШ). Малку подоцна, од 13 часот, треба да биде влечена и ждрепката за двојките во шеснаесеттина-финалето во Лига Европа (ЛЕ).
Тимовите во ЛШ, вкупно 16, се од Германија и Шпанија по четири, од Англија и од Италија по три, од Франција и од Португалија по еден и ќе бидат распоредени во два барабана. Во првиот се победниците во групите (носители), а тоа се Баерн, Челси, Борусија Дортмунд, Јувентус, Ливерпул, Манчестер сити, ПСЖ и Реал Мадрид. Во вториот барабан се второпласирани во групите, Аталанта, Атлетико, Барселона, Лацио, Лајпциг, Борусија Менхенгладбах, Порто и Севилја.
Ждрепката е полудиригирана што значи дека во оваа рунда меѓу себе нема да играат тимовите што беа во иста група сезонава, како и од истата национална асоцијација. Тоа во практика значи дека бранителот на титулата, германскиот Баерн, за противник може да добие еден од следните тимови: Барселона, Аталанта, Лацио, Порто или Севилја, но не и Атлетико со кого играше, како и Борусија (М) и Лајпциг, кои се од Германија. Баерн не играл со две од овие екипи, а со другите има позитивен скор. Најтрофејниот со 13-те титули Реал Мадрид, кој 25-та сезона во низа е во нокаут-рундата, има уште помал избор, во Аталанта, Лацио, Лајпциг или Порто (не и со Атлетико, Барселона, Борусија Менхенгладбах и Севилја).

Првакот од 2019 година, Ливерпул, пак, повторно може да се сретне со Атлетико од кого беше елиминиран во ланската сезона, потоа со Барселона, Лацио, Лајпциг, Борусија Менхенгладбах, Порто или со Севилја, но не и со Аталанта. Итн.
Вкупно, во трка за титулата се осум досегашни европски прваци (Баерн, Челси, Борусија Дортмунд, Јувентус, Ливерпул, Реал Мадрид, Барселона и Порто), потоа актуелниот освојувач на Лига Европа, Севилја… Првите натпревари греба да се играат на 16/17 и на 23/24 февруари, а реваншите на 9/10 и на 16/17 март 2021 година.
Во ЛЕ, меѓу 32 тима во 1/16-финалната рунда, во првиот барабан се 12 најдобри во групите и четирите третопласирани во групите во ЛШ со најдобар ефект. Во вториот се 12-те второпласирани од ЛЕ и четирите со послаб ефект во ЛШ. Меѓу носителите се и Наполи и Динамо Загреб, каде што настапуваат македонските репрезентативци, Елиф Елмас и Аријан Адеми.
Како и во ЛШ, и во ЛЕ во оваа рунда меѓу себе нема да играат тимовите од истата група или од иста земја. Првите натпревари треба да се играат на 18 февруари, а реваншите на 25 февруари 2021 година.