Македонија одигра слабо, загуби со 0-4, но во македонскиот табор имаа многу забелешки и за судењето. Сепак, Македонија со две победи во последните две кола ќе го освои првото место во групата, ќе се пласира во лигата Ц и ќе игра во плејофот за пласман на ЕП 2020

По трите победи во првите три кола во групата 4, лига Д, во Лигата на нациите (ЛН), следуваше висок, по малку неочекуван, но заслужен пораз на фудбалската репрезентација на Македонија на гости од Ерменија во Ереван, 0-4. Високиот пораз ѝ стави крај на серијата од 10 меча без пораз (шест победи и четири ремија) на Македонија што почна во јуни 2017 година, по поразот од Шпанија дома (1-2) во квалификациите за Светското првенство годинава.

Македонија одигра слабо, особено во првото полувреме во кое малку работи функционираа како што треба, почнувајќи од одбраната. Средниот ред дејствуваше неповрзано и без брзи и навремени додавања до напаѓачите. Тимот не изгледаше компактно, а на моменти меѓу последните одбранбени играчи и оние од средината имаше јаз од дваесетина метри. Селекторот Игор Ангеловски по мечот ја презеде одговорноста за поразот. Во вторите 45 минути Македонија одигра подобро, имаше и неколку изгледни шанси за гол што не ги искористи.

Во македонскиот табор имаат многу забелешки за судењето на Швеѓанецот Мартин Стромбергсон, кој требаше, но не досуди пенал за Македонија во првото полувреме по прекршокот врз Барди, а и не ја санкционира острата, на моменти и груба игра на Ерменците.

Но, настрана тоа, причините за дебаклот треба да се побараат во сопствените редови. Оптимизмот пред мечот се покажа нереален, а изјавите во стилот „ова е најдобрата репрезентација во историјата на Македонија“ се покажаа контрапродуктивни. Поразот боли, но како што стојат работите, дојде навреме и би требало да биде отрезнувачки. Македонија реално може да одигра многу подобро отколку во Ереван, првото место во групата 4 и пласманот во повисок ранг, лига Ц, се на дофат (со две победи во последните две кола од групната фаза), но не треба да се лета во облаци. Реално, Македонија во моментов е далеку од првата и од втората, па и од некои селекции од третата квалитетна лига во ЛН. Фактите се сурови и кажуваат дека засега Македонија има само неколку фудбалери што настапуваат во посилни клубови и лиги во Европа, македонските тимови се епизодисти во еврокуповите, а Првата лига е неквалитетна. Ланскиот пласман на репрезентацијата до 21 година на финалниот турнир на ЕП во Полска малку ја разубави комплетната слика за тоа каде е македонскиот фудбал во Европа. За нешто повеќе, за излегување од европската фудбалска периферија ќе треба уште многу работа, многу вложувања и многу време.