За локалните банки за храна досега се собрани над 300.000 фунти

ФУДБАЛ

Навивачите на фудбалските клубови во Премиер-лигата што ги бојкотираат мечевите според шемата „плати, па гледај“ (ППГ) собраа повеќе од 300.000 фунти (околу 330.500 евра) за добротворни цели. Но ТВ-шемата треба да продолжи барем до паузата за меѓународни натпревари идниот месец. Натпреварите што се надвор од шемата на операторите за ТВ-преноси, достапни се за 14,95 фунти (16,5 евра) по натпревар, пишува „Би-би-си“.
Мечевите можеа да се гледаат бесплатно откако продолжи сезоната во Премиер-лигата во јуни. Но тоа се промени на почетокот на октомври. Клубовите соопштија дека мерката „плати, па гледај“ е само „привремено решение“ за да им се овозможи на гледачите во живо да ги следат мечевите на тимовите за кои навиваат.

Но сопственикот на Њукасл, Мајк Ешли, повика повторно да се разгледа тоа, велејќи дека гледачите „во големо мнозинство ја отфрлија“ шемата и дека таа сума за ППГ треба да се намали на 4,95 фунти (5,5 евра) до Божиќ. Досега имаше девет натпревари според принципот ППГ.
Навивачите на Ливерпул собраа повеќе од 120.000 фунти за банката за храна во Северен Ливерпул, по победата над Шефилд (2-1). Навивачите на Лидс донираа 57.000 фунти наместо да плаќаат за да го гледаат нивниот тим на средбата со Астон Вила (победа на гости со 3-0). Групацијата Њукасл банка за храна собра повеќе од 60.000 фунти откако навивачите го бојкотираа дуелот Њукасл – Манчестер јунајтед (1-4). Навивачите на Арсенал донираа 30.000 фунти, а на Манчестер јунајтед и на Манчестер сити по 25.000 фунти на локалната банка за храна.